Со концертот на Факултетот за музичка уметност насловен “Вруток“ вечерва на првиот ден на летото и Светскиот ден на музиката, 21 јуни, во фоајето на Националната опера и балет, се отвора 44. издание на културната манифестација „Скопско лето“.
Програмата, на манифестацијата што секоја година традиционално се одржува од 21 јуни до 31 јули е конципирана така да одговара за сечиј вкус и за сите возрасти.
Според Никола Глигоров, директор на Дирекцијата за култура и уметност на Скопје која е организатор на манифестацијата, 44. издание на „Скопско лето“ ќе понуди многубројни музички настапи, изложби, театарски претстави и танцови перформанси, на кои ќе настапат пред се домашни уметници но и уметници од регионот и од Европа.
Годинешново “Скопското лето“ кое годинава се организира со поддршка на Министерството за култура, ќе заврши со концертот на ансамблот „Camerata Academica“ од Словенија, на 31 јули, во Музејот на македонската борба.