Косовскиот Парламент вчера изгласа одлука за формирање војска со 5.000 војници, која наиде на остри реакции од српското малцинство на Косово и официјален Белград.
За Србија, формирањето на војска на Косово е нелегитимен потег. Со гласањето на три закони предложени од косовската Влада се зголемуваат овластивањата на лесно вооружените косовски сили за безбедност кон трансформација во војска. Според Владата, нема потреба од пормена на Уставот за ваквата промена на законите.
За нив гласаа 98 од 120 пратеници, додека 11 српски пратеници го бојкотираа гласањето. За неколку дена законите ќе се гласаат и во второ читање.
Според предлог- законите, косовската војска би била составена од 5.000 активни војници и 3.000 резервни. Сегашните сили за безбедност на Косово се составени од 2.500 припадници кои се обучувани од НАТО, за случаи на кризни состојби, цивилна заштита и одржување на ред.
-Овие три закони имаат за цел да го заштитат територијалниот интегритет на Косово и да ги заштитат граѓаните на Косово од сите заедници, – изјави Харадинај.
Српските претставници со остри забелешки го бојкотираа гласањето велејќи дека за носење на овие закони за формирање национална војска е потребно да се смени уставот.
Преку Твитер одлуката за формирање косовска армија ја поздрави албанскиот премиер Еди Рама. ,,Слава на мачениците на Косово и да биде благословена новородената војска на Република Косово”, напиша албанскиот премиер на Твитер.
Лидерот на албанската опозиција Лулзим Баша покрај честитките за усвоените предлог закони кои го отвараат патот за трансформација на Заштитниот корпус на Косово во Армија на Косово, истакнува дека формирањето на своја војска е гаранција повеќе за мирот во регионот.
„Косово со своја војска и во соработка со НАТО алијансата ќе придонесува за мирот и стабилноста на Балканот“, изјави претседателот на најголемата опозициона партија во Албанија, Лулзим Баша.