Коцијанчич: Брисел е загрижен за негативната реторика и повикува на одговорно однесување

Сподели

Европската комисија денеска повика да не се врши притисок врз Државната изборна комисија и судството.

– Комисијата ги регистрираше прелиминарните резултати и исходот од приговорите и сега ги чека одлуките од жалбениот процес. На релевантните државни власти, вклучувајќи ја Државната изборна комисија и судот, треба да им се овозможи да работат непречено, без притисок и политичко мешање – изјави портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчич, одговарајќи на прашање на „Мета“ за тоа како ги коментираат протестите пред ДИК.

На прашањето како го коментираат говорот на омраза на протестите и негативната реторика на ВМРО-ДПМНЕ кон странските амбасадори и дипломати во Македонија, од Комисијата истакнаа дека политичките партии треба да се однесуваат одговорно и да не ја поткопуваат довербата во институциите.

– Особено сме загрижени поради тензиите во изминатите денови и зголемената негативна реторика. Комисијата ги повикува сите заинтересирани страни да се однесуваат одговорно за да се зајакне довербата на граѓаните во јавните институции и во демократскиот процес – рече Коцијанчич.

Од Брисел повторија дека очекуваат брзо конституирање на новиот парламент и формирање нова влада, како и имплементација на реформите со кои ќе се решат систематските проблеми со владеењето на правото низ реформските приоритети и спроведувањето на претходните политички договори.

Од Комисијата порачаа дека ќе продолжат да ја поддржуваат земјата во нејзината европска интеграција.