Ковачевски-Борел: Почетокот на преговорите со Северна Македонија е од геостратешки интерес за ЕУ

Сподели

 

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски го прими високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност и потпретседател на Европската Комисија, Жосеп Борел, кој се наоѓа во работна посета на нашата земја и кој на средбата беше придружуван од шефот на делегацијата на ЕУ, амбасадорот Дејвид Гир.

 

 

Премиерот Ковачевски и потпретседателот на ЕК Борел имаа тет-а-тет средба по што следуваше билатералниот состанок на двете делегации, на која од наша страна присуствуваа заменик-претседателот во Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ и министерката за одбрана Славјанка Петровска.

Премиерот Ковачевски на средбата упати благодарност до високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност и потпретседател на Европската Комисија, Жосеп Борел, за неговата континуирана и цврста поддршка и лична заложба за Република Северна Македонија да добие датум за преговори без понатамошни одлагања и за иднината на Западен Балкан во Европската Унија.

На средбата беше уште еднаш осудена неиспровоцираната и неоправдана војна на Русија во Украина која предизвикува тектонски геополитички поместувања која бара од сите во Европа да дејствуваат во единство, цврсто и навремено.

За време на разговорот беше нагласено дека Владата, со поддршка на ЕУ, продолжува со реформите и нивната имплементација во борбата против корупцијата, владеењето на правото, дигитализацијата и зелената агенда.

Премиерот Ковачевски и високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност и потпретседател на Европската Комисија Жосеп Борел, ја истакнаа потребата за брзо делување и за остварување на стратешкиот интерес и придобивка на ЕУ од проширувањето со Северна Македонија и другите земји од Западен Балкан како приоритет за европската безбедност.

 

 

Во таа насока беше поздравен и напредокот во разговорите меѓу Северна Македонија и Бугарија за изнаоѓање на достоинствена и победничка европска формула која би го деблокирала почетокот на пристапните преговори за Северна Македонија, а како посебно значајно соговорниците на средбата истакнаа дека билатералните прашања не треба да го усложнуваат процесот.