Ковачевски: Бугарија да ги почитува пресудите од Стразбур за Македонците

Сподели

 

Премиерот Димитар Ковачевски ги повика бугарските власти да ги почитуваат пресудите на Судот за човекови права во Стразбур, во кои е утврдено дека се повредени правата на Македонците во нивната земја и коишто Бугарија ги нема спроведено до денес во однос на почитувањето на правата на здружување на Македонците.

– Ние секогаш сме реагирале во однос на сите граѓани коишто во која било друга држава се самоопределуваат како Македонци. Македонци има во скоро сите држави во светот, како што има Македонци во САД, во Германија, во Швајцарија, така има Македонци и во Бугарија и во Грција, значи луѓе кои се определуваат како Македонци и ним им следуваат сите права што им следуваат на сите граѓани слободно да ја изразат својата желба за самоопределување. Постојат и пресуди на Судот за човекови права што Бугарија ги нема спроведено до денес и затоа ги повикувам уште еднаш бугарските власти согласно со одлуките на Судот, согласно со европските правни норми за заштита на малцинските права исто така и тие да постапат, бидејќи се работи за земја членка на ЕУ и тие граѓани кои се граѓани на Бугарија а кои се самоопределуваат како Македонци, во исто време се и граѓани на ЕУ, бидејќи да не заборавиме дека Бугарија е членка на ЕУ. Затоа уште еден повик од моја страна да бидат почитувани сите права, исто како што кај нас се почитуваат правата на сите етнички заедници и на секој поединец кој се самоопределил различно од Македонците или од другите кои се дел од нашето општество, рече Ковачевски.

Има граѓани во Бугарија кои се самоопределуваат како Македонци и ним им припаѓаат правата што согласно нивното уставно уредување, согласно европските норми, правила на европските институции, на Советот на Европа, на Судот за човекови права треба да им биде овозможено да ги остварат исто како што на секој граѓанин којшто се самоопределува на подруг начин од Македонците во нашата држава му припаѓа правото согласно нашиот Устав и нашите законски определби кај нас да може да ги оствари своите права на колективен начин, нагласи Ковачевски.

Во извештајот на Стејт департментот се посочува дека Бугарија ја негира регистрацијата на етничко-македонските активистички групи како што се Обединета македонска организација-Илинден, Обединета македонска организација-Илинден Благоевград и Друштвото на угнетените Македонци-жртви на комунистичкиот терор.