Ковачевски: Им должиме на илинденците, асномците и на нашите деца да обезбедиме влез во ЕУ

Сподели

Премиерот Димитар Ковачевски во вестите на Канал 5 телевизија, на новинарското прашање дали членството во ЕУ е достижно до 2030 година рече дека од првиот ден на неговиот мандат се соочува со новинарски прашања дали е оптимист за отпочнување на преговорите со ЕУ и кога би можела Северна Македонија да биде дел од ЕУ. Притоа премиерот Ковачевски се осврна и на процесот на преговори со Бугарија кои по успешното завршување обезбедија конечен почеток на преговори со Унијата по 17 години поминати во чекалната.
 
„Од прв ден кога ме прашувавте и голем дел ваши колеги ме прашуваа дали сум оптимист во однос на отпочнување на преговорите со ЕУ. Знаете во какви услови се одвиваа тие преговори со Бугарија, па потоа со Франција и Германија.
 
Тоа беа тешки преговори, тешка реторика за сите граѓани, чувствата кои што ги имаа нашите граѓани на една мачнина, ги имав и јас, и јас сум само човек, меѓутоа на крајот мораше да се донесе одлука со која што Северна Македонија ќе ги отпочне преговорите со ЕУ, затоа што мора да мислиме на идните генерации, мора да седиме на големата маса во Брисел и да обезбедиме побогата иднина за генерациите кои што доаѓаат после нас.“

Меѓудругото премерот рече дека другата алтернатива е да седиме сами, изолирани, скарани со соседите, со отворени прашања со ЕУ.
 
„Ја донесовме одлуката, не беше лесна одлука и таа одлука ни обезбеди старт на преговорите со ЕУ. Јас цело време зборував тогаш кога ме прашуваа дали сум оптимист, секогаш велев дека  сум рационален оптимист. Тоа значи дека верувам во остварување на целта, но работам таа да се случи.
 
Сега од нас зависи, колку брзо ќе го завршиме објаснувачкиот скрининг, колку брзо ќе го завршиме билатералниот скрининг, колку брзо ќе ги направиме потребните уставни измени и колку брзо во тие преговори сите заедно, ама кажувам сите заедно, и Владата и опозицијата и академската заедница и бизнис заедницата и невладините организации и медиумите, бидејќи оваа е процес за сите, ќе успееме во тие преговори што побрзо да станеме членка на ЕУ. Доколку сите бидеме фокусирани на остварување на таа цел, доколку сите веруваме во остварувањето на таа цел, доколку сите сме сигурни, а сигурни сме дека тоа го сакаме,  тогаш јас сум спремен да водам и сите заедно до 2030 година да ја оствариме таа цел.
 
Затоа што тоа го должиме и на граѓаните кои што пред 31 година ја оствариле независноста на нашата држава преку референдумот и на оние од 1903 и од 1941 година кои што со своите животи се бореле за независна македонска држава, ние сега ја имаме нашата борба, а тоа е со целото свое знаење, искуство, посветеност сите кои што ги набројав да обезбедиме влез на државата во ЕУ. Затоа што тоа е местото кое што нашите граѓани го заслужуваат. Место на економски просперитет, социјална правда и демократија“, истакна Ковачевски.