Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски се извини по изјавата што ја даде на партиската трибина. Тој на новинарите им се извини поради неговите ставови и се оправда дека не сакал да се повтори 2016-та година.
– “Јас ги прифаќам сите реакции и од ЗНМ и од другите институции и на самиот настан кажав дека сум веднаш подготвен да се извинам, се извинив и на самиот настан, еве извинување и денеска. Имав долг разговор со претседателот на ЗНМ во неколку наврати бидејќи тој е најдобриот сведок што се случуваше до 2016 година. Јас кажав дека до 2016 тоа се случувало и не би сакал да видиме време кога повторно тоа ќе се случува. Ако ја погледнете целата изјава тогаш е многу јасно што имам кажано“, одговори Ковачевски.
На партиската трибина на 19 февруари Ковачевски меѓу другото кажа: “Е тоа ви е кога медиумите ќе се стават во функција на една политичка партија. И после ќе се освестат, и касно е… И кај ќе трчаат? Во СДСМ. Зошто? За да им ја врати демократијата. А тие самите се продале“.