Ќе се намалт цените на овошјето, зеленчукот и хигиенските производи

Сподели

 

Премиерот Ковачевски, денеска, заедно со министерот за економија, Крешник Бектеши и директорот на Државниот пазарен инспекторат, Горан Трајковски беше во посета на еден од маркетите во Скопје. 

Посетата е со цел да се провери фактичката состојба со снабденоста и цените на основните прехранбени продукти, меѓу кои јајцата од кокошка и оризот, за коишто Владата донесе одлука за замрзнување на цените, како и проверка на снабденоста и цената на брашното.

 

 

„Драго ми е што денеска се уверив дека нашите одлуки се почитуваат, што, се надевам е случај и во другите маркети. Ваквата мерка ќе остане во важност до крајот на април 2023 година, со тенденција вакви слични мерки да донесеме и за други прехранбени производи, ако за тоа се укаже потреба, според претходно направени анализи какви што во моментов правиме. Пријатно се изненадив и што видов и дека и малопродажната цена на брашното е намалена во дел од маркетите, без при тоа, државата да донесе официјална одлука за тоа, а таа е направена врз основа на разговорите кои ги имавме со производителите на брашно, како и врз основа на намалувањето на дел од трошоците кои ги имаат во нивниот производствен трошок. Ваквиот потег го поздравуваме и ги охрабруваме и другите продажни места да го следат овој пример“, изјави премиерот Ковачевски, за време на посетата на маркетот.

Премиерот потенцира дека мерките за замрзнување на цената на јајцата од кокошка, како и оризот, а пред тоа, на млечните производи, тестенините и лебот, се носат во насока да се помогне на граѓаните.

Министерот за економија, Крешник Бектеши најави можност за понатамошни намалувања на цените на производите.

 

 

„Најверојатно утре, на владина седница, ќе се донесе одлука за замрзнување на цените на хигиенските производи, а во текот на оваа недела ќе бидат замрзнати и цените на дел од овошјето и зеленчукот. Нема да чекаме несоодветно работење на одредени комисии во Собранието. 

Со одлука на Владата, ќе ги намалиме цените на лепеза хигиенски производи на истиот начин како што го сторивме тоа и кај цените на прехранбените производи, до одреден датум, но датумот до кога ќе трае замрзнувањето ќе се дознае утре“, нагласи министерот за економија, Бектеши.  Тој додаде дека се прават анализи за увозните цени на трговците и согласно наодите, ќе се носат одлуки за натамошно замрзнување на цените.

 

 

Директорот на Државниот пазарен инспекторат, Горан Трајковски изјави дека сите инспектори се на терен и дека кај дел од правните субјекти се констатирани прекршоци, за што се водат постапки. Тој апелираше до трговците да ги намалат цените и на другите производи, доколку се во можност.

„Инспекторите се на терен и постапуваме со својот полн капацитет. Изминатите 5 дена, извршени се над 500 надзори, од кои 130 по одлуките на Владата за што се издадени прекршочни платни налози во вредност од над 750.000 денари. 

Нема да се постапува селективно и секој оној кој прекршил закон ќе одговара согласно прекршокот“, рече директорот Трајковски.