Претседателот Димитар Ковачевски и претседателот на Хрватска, Андреј Пленковиќ, кој денеска е во официјална посета на земјава, одржаа тет-а-тет средба, на која разговараа за повеќе прашања од интерес на двете земји.
Заеднички беше констатирано успешното градење на билатералните односи, како и тоа дека Северна Македонија и Хрватска немаат отворени прашања. По тет а тет средбата, премиерите на двете земји, одржаа билатерална средба заедно со владините делегации.
На билатералната средба заеднички беше констатирано дека Република Хрватска, е еден од нашите најсилни поддржувачи на патот кон евроинтеграциите, поддршка која никогаш не губи на интензитет, туку напротив, постојано се засилува. Меѓу двете земји, досега се склучени дури 44 меѓународни билатерални договори и документи, а во фаза на иницијатива се уште 15 твининг проекти, како и користење на хрватското искуство во пристапните преговори со ЕУ.
Вкупната трговска размена меѓу двете земји за 2022 година изнесува 217 милиони евра и има потенцијал за зголемување на истата. Осврнувајќи се на хрватските инвестиции во земјава, премиерот Ковачевски констатираше дека најмногу се застапени во услужниот и прехрамбениот сектор, а додаде дека има простор за зајакнување на взаемната соработка во фармацевтската индустрија, транспортната инфраструктура, градежните компании и туризмот.
Потенцирано е дека двете земји, како НАТО сојузници, цврсто се посветени на промовирање и споделување на заедничките вредности и одговорноста кон НАТО и придонесот во меѓународните мировни операции, споделувајќи заеднички ставови во однос на состојбите во регионално и мултилатерално ниво за мир и стабилност на регионот.