Ковачевски: Со поддршка на ЕУ отвораме најголем форензички оддел во регионот

Сподели

 

Претседателот на Владата, Ковачевски, денеска присуствуваше на отворање на нов објект за форензички испитувања, во рамки на Министерството за внатрешни работи. По тој повод премиерот Ковачевски имаше обраќање пред присутните:

 

 

„На почетокот сакам да упатам честитки до припадниците на Министерството за внатрешни работи, што од денеска добиваат најсофистицирана и најсовремена опрема, зграда и сè што е потребно за најдобри  услови за работа, а нашата држава ќе биде препознатлива по тоа што добива најголем објект за форензички испитувања во регионот. За прв пат во историјата на службата за форензички испитувања во РС Македонија, на вакво високо ниво ги унапредуваме условите за работа на припадниците на МВР, од друга страна овие модерни и добро опремени форензички лаборатории, ќе бидат корисна алатка на полицијата и правосудниот систем во борбата со криминалот, што ќе резултира со поквалитетна истрага и зголемена откривачка дејност. Ова овозможува нашата полиција да биде во чекор со современите постапки, европски практики и стандарди. Овој концепт на форензичка служба ги отвора вратите на нашите професионалци-форензичари непречено да учествуваат и во регионални и меѓународни проекти, но е и можност за продлабочување на соработката со форензичките служби од државите од регионот и ЕУ.

Сакам да ја поздравам и заложбата на сите чинители, посебно ЕУ која континуирано вложува и средства, и знаење и едукација во државните институции, за што поажурно и поуспешно справување во борбата со криминал и корупција. Инвестицијата на овој современ објект кој е во рамки на ИПА програмата изнесува над 3,5 милиони евра. 

Граѓаните, како крајни корисници на услугите на овие лаборатории, ќе почувствуваат најголем бенефит имајќи предвид дека ефикасноста на судските постапки не може да се замисли без служба која ќе биде независна, неутрална, ефикасна, навремена и професионално оспособена, усогласена со барањата на истрагата и истовремено ќе ги исполнува стандардите на современа форензичка институција.

Во изминатите години, Северна Македонија е носител на позитивни политички и економски текови. Економскиот модел на Владата, резултира со двојно повеќе раст на минималната плата, просечната нето плата историски е највисока и веќе изнесува над 36.000 денари, а тоа е зголемување за цели 63% во споредба со 2016. Пензиите се повисоки за речиси 50%, а паралелно над државниот просек се и платите во ТИР – зоните. Ако во 2016 година странските инвестиции изнесуваа 338 милиони евра во 2022 година во услови на криза изнесуваа речиси 754 милиони евра или двојно повеќе од 2016 година. Инвестициите во ТИРЗ во 2016 година кумулативно изнесуваа 600 милиони евра, а во 2023 година се речиси две милијарди евра.

Овие показатели може да се зголемат и мултиплицираат, а единствениот начин да се направи тоа е продолжувањето на евроинтеграциите на државата. Со членството во Европската Унија, ефектите ќе бидат уште поголеми. Согласно анализите,  во првите пет години порастот на  нето платите ќе биде од 70 до 100 проценти. Пораст на БДП од 80 до 90%, а ќе расте и бројот на работни места. За 30 до 40% се очекува зголемување и на бројот на малите и средните претпријатија кои се двигатели на економскиот раст.