Ковачевски: Заедно да ги донесеме одлуките и да дадеме глас за Европа

Сподели

 

Премиерот Димитар Ковачевски, одржа редовна средба со лидерите на владината коалција. На средбата во фокус беа стратешките приоритети на државата и важноста од влез во Европската Унија.

“Со коалициските партнери на денешната средба се сложивме дека наша заедничка цел е земјата да оди напред, да се движи со демократскиот и прогресивен свет. Ние сме земја-членка на НАТО, земја која претседава со ОБСЕ, работиме фокусирано и за што побрза интеграција во Европската Унија, бидејќи тоа значи подобри услови за живот и подобар стандард.  Нашата цел е полноправно членство во ЕУ до 2030 година. И во оваа цел нѐ поддржуваат и нашите стратешки партнери.

 

 

Од друга страна оние кои ја блокираат нашата земја кон европскиот пат, треба да се одлучат како понатаму. ВМРО-ДПМНЕ ќе мора да одлучи дали ќе се приклучи на европскиот блок или ќе остане во заложништво на Левицa.  Многу брзо ќе треба да одлучат дали ќе го фатат последниот воз и ќе се приклучат на проевропскиот блок кој неминовно оди и носи одлуки за приклучување на Северна Македонија во ЕУ.

Опозицијата одбива да се вклучи и во работната група за подготвување на уставните амандмани, исто како што одбиваа и беа против сите важни процеси во државата. Но сепак, повикувам на отвореност и политичка одговорност и ги повикувам сите партии и општествени чинители да се приклучат кон остварувањето на стратешките цели на државата. Заедно да ги донесеме одлуките и заедно да ја обезбедиме европската иднина. Заедно, да дадеме глас за Европа, за македонска европска иднина. 

Во едно нешто сум сигурен. Северна Македонија ќе оди напред. Полноправното членство во ЕУ до 2030 година е амбициозна, но достижна цел за државата. А оваа владина коалиција е стабилна и силно обединета и ќе ја оствари таа цел”, изјави премиерот Ковачевски на средбата со лидерите на владината коалција.