Во Основниот суд Скопје 1, во одделите за кривично полнолетни, кривично малолетни и Одделението за организиран криминал и корупција, има вкупно 477 стари нерешени предмети, постари од две години, а најстариот е од 1998 година, покажала последната анализа направена во јуни годинава, соопштија денеска од судот.
Судии од Апелацискиот суд, кои на почетокот на април биле во посета на првостепениот суд, утврдиле дека најчестите причини поради кои се одлагаат главните расправи во овие предмети било неприсуството на обвинетите и на нивните бранители, како и отсуството на јавниот обвинител, вештаци и сведоци за кои судот оценил дека треба да бидат сослушани на главната расправа.
„Во дел од предметите констатирано е дека доаѓа до одолжување на постапката бидејќи до судот навреме не се доставуаат вештачења од институциите, а во дел, главните расправи се одлагаат бидејќи од Казнено-поправната установа „Идризово“ и од Казнено-поправната установа „Затвор Скопје“ не се спроведуваат обвинетите по испратени наредби од страна на судот, како и непостапување на надлежните државни органи за спроведување на наредбите за приведување на обвинетите од пријавените адреси на кои живеат“, се наведува во соопштението на судот.
Апелациските судии при посетата на Основниот суд Скопеј 1 утврдиле дека поголем дел од предметите што од претходно биле евидентирани како стари предмети, веќе се правосилно завршени, а некои од нив се во жалбена постапка.
„При повторното постапување по предметите кои во жалбена постапка биле укинати, Апелациониот суд констатирал дека судиите од Кривичниот суд ги преземаат потребните дејства во согласност со укажувањата на второстепениот суд“, велат од судот.
Оттаму додаваат дека судиите забрзано работат на решавање на старите предмети, за да не дојде до нивно застарување и најавуваат дека до крајот на оваа година или почетокот на следната сите стари предмети треба да бидат решени со првостепена пресуда.