Град Скопје повторно ја прави културата достапна во секој дом. Во наредните три дена, проектот „Култура во време на корона“ ќе се репризира за време на полицискиот час во Скопје.
Граѓаните ќе имаат можност секој час во текот на петок, сабота и недела, да уживаат во изведбите на различни уметници од независната културна сцена што беа дел од проектот „Култура во време на корона“. За време на полициски час, почнувајќи од денес, програмата ќе понуди разновидна програма – концерти на класична, поп, рок, алтернативна и електронска музика.
Натапите ќе се емитуваат на официјалната фејсбук страницата на Град Скопје – https://www.facebook.com/CityofSkopje/?ref=br_r
За потсетување, Град Скопје, заедно со градските културни институции неодамна го спроведоа овој успешен проект којшто броеше над 50 настани, со настап на повеќе од 200 изведувачи, и над 500.000 гледачи на социјалните мрежи и илјадници балкони во осум различни општини во Скопје.
Идејата на јавниот повик за оваа програма, покрај можноста граѓаните да уживаат во онлајн изведбите додека седат дома, беше и невработените уметници, односно оние уметници кои што ги загубиле своите редовни приходи во овој период да добијат еднаков солидарен хонорар во нето износ од 14.500 денари од страна на Град Скопје.
Град Скопје Ви ја претставува „Култура во време на корона“ – https://www.facebook.com/CityofSkopje/videos/607950329813795/