Трагично е што воопшто треба да се бориме за зачувување на институција која отсекогаш била стожер на културниот живот во Македонија, пишува Елена Гаговска за Республика.
На 18 јануари годинава, Младинскиот Културен Центар (МКЦ) соопшти дека Град Скопје скратиле дури 92% од програмскиот буџет на МКЦ и непрописно го смениле в.д. директорот на оваа култна институција која повеќе од половина век е простор за културно збогатување на граѓаните во Македонија.
Испровоцирани од овој развој на настаните, независната музичка мрежа Гола Планина Колектив организираа граѓански собир под мотото #СитеЗаМКЦ. На 22 јануари, во знак на револт за актуелните случувања, на платото на МКЦ четири часа свиреа бендови на колективот како Луфтанза и Хајка, но и уметници како Дина Јашари.
Собирот беше полн со уметност, музика и младински дух, вредности кои ги споделува и институцијата за која се бориме. Исто така, на настанот се потпишуваше петиција која бараше да се зголеми буџетот на МКЦ и институцијата да се тргне од политичките игри во чии рамки се собраа 1190 физички потписи.
„Овој протест не е Гола Планина, проблемот за кој протестиравме е поголем од било која организација, колектив, во која сфера и да е. Гола Планина изрази револт во ситуација кога сите зборуваа за акција но никој не издејствува, а ние не можеме да премолчиме кога таква културна легенда е во огромна опасност. Одбравме неконвенционален тип на протест, преку музика, бидејќи МКЦ е уметност, МКЦ е младост и енергија, МКЦ е наш дом.“ велат од Гола Планина Колектив за Рес публика.
Простор за оптимизам
На 24 јануари, два дена по настанот #СитеЗаМКЦ, петицијата беше објавена, барајќи враќање на програмскиот буџет на 25 милиони денари и спроведување на фер конкурс за избор на директор.
За еден ден беа собрани 5000 потписи (до моментот на објавување на овој текст, иницијативата е потпишана од речиси 6000 граѓани). Охрабрена од овој успех, иницијативата во меѓувреме почна да ја планира герила акцијата која ја изведе за време на седница на Советот на Град Скопје на 26 јануари. Печатените фотографии од различни настани од МКЦ по акцијата беа оставени на оградата на Град Скопје за да служат како потсетник за нашиот револт, но и за историската важност на оваа институција.
Неочекувано, на таа акција дојдоа и работници од синдикатот на возачи на приватните автобуси во Скопје кои со месеци не беа исплатени од Град Скопје.
Акцијата го привлече вниманието на медиумите, но само половина час пред акцијата градоначалничката Данела Арсовска одржа прес-конференција каде таа тврдеше дека воопшто не бил скратен буџетот на МКЦ. Следниот ден, колегиумот на МКЦ детално ги демантираше нејзините тврдење на нивниот прес. Иако е точно дека буџетот за режиските трошоци на МКЦ не е скратен, факт е дека програмскиот буџет беше намален за 92%.
Веднаш по нашата акција добивме реакција од советниците. Советот на Град Скопје изгласа амандман за покачување на средствата на програмскиот буџет на МКЦ за дополнителни 2 милиони денари. Оваа сума сепак не е воопшто адекватна бидејќи програмскиот буџет на МКЦ со години изнесувал околу 25 милиони денари – сума која сметаме дека треба да се врати бидејќи дури и буџет од 4 милиони денари сепак претставува енормно кратење за 84%.
Извор: radiomof.mk
Освен тоа, овие средства всушност се обезбедени од ставката за јавни повици за здруженија и поединци за културни проекти на Град Скопје. Односно, овој амандман не претставува зголемување на буџетот за култура, туку само прераспределба на средствата во Програмата за култура. Целта на #СитеЗаМКЦ не е МКЦ да добие поголем програмски буџет на сметка на други културни институции и работници, туку да ги поттикне надлежните да ја приоретизираат и соодветно да ја финансираат културата во нашата држава, почнувајќи од МКЦ.
Да не дозволиме да замре културата во градот
Имајќи го сѐ ова на ум, важно е да разбереме што всушност би се случило доколку програмскиот буџет не биде вратен на 25 милиони денари. Треба да го погледнеме МКЦ од економска гледна точка: што претставува оваа институција за уметниците и културните работници, а што за публиката. МКЦ е практично последното место во Скопје каде што можат млади музичари и уметници слободно да се изразуваат и да настапуваат.
МКЦ претставува место каде што тие можат да ги започнат своите кариери и да почнат да заработуваат од својата уметност. Без МКЦ, многу уметници би претрпеле тешки креативни и економски последици.
Гледано од страна на публиката, МКЦ претставува место каде што културата е лесно и релативно евтино достапна заради државното финансирање. Картите за настаните често се продаваат по ниски цени, а многу настани се дури и бесплатни. Доколку програмскиот буџет на МКЦ не се врати на адекватно ниво, голем број од овие настани не би се случиле.
Културата едноставно не смее да стане луксуз за граѓаните. Сите за МКЦ претставува борба за еднаков пристап до културата без разлика на социјалниот и економски статус.
Трагично е што воопшто треба да се бориме за зачувувањето на институција за која ретко кој има негативна асоцијација. Но, постојат причини за оптимизам. Иницијативата е непартиска, ниту пак прима каква било финансиска поддршка – се користат само парични средства од донациите кои се собраа на настанот #СитеЗаМКЦ за потребите на герила акцијата и за принтање на стикери кои содржат QR код до петицијата.
Движењето почна спонтано и единствено од желбата да се зачува една од најважните јавни културни институции во нашата држава. Бендовите од Гола Планина Колектив се развиваа преку свирките во МКЦ, а тие од нас кои не сме музичари, но сме верна публика, формиравме пријателства во овие простори. Се бориме за опстојувањето на независната културна сцена, но и за пријателствата и дружбите кои никогаш не би се оформиле доколку не го имавме МКЦ како заеднички културен јавен простор. За крај, би завршила со пораката која ја испраќа тапанарот од Влатко Стефановски Трио, Јан Стефановски за читателите на Рес публика.
„За мене МКЦ претставува институција во која што сѐ уште во полн ек живее младалачкиот дух. Тоа е место во кое што владее различна енергија. Едноставно, дружбата е поинаква. Од концерти на големи и мали бендови, до филмски проекции, уметнички изложби, театарски изведби, и уште безброј видови на настани, МКЦ е неопходна културна точка на Скопје која е од огромно значење за сѐопштото образование и култура која што младината ја добива во оваа денешница. Верувам дека што е за мене МКЦ, тоа е и за сите.