КУЗМАН – Александар ЛИТОВСКИ

Сподели

 

Потребно е челичнодоблесен карактер и платонски занес, за поединецот свесно да се откаже од дел од своите најдлабоки пориви, од своите субјективни потреби и сознанија, за да се приклучи на безимените редови на масата и да се жртвува себеси за Идејата. Нашиот Кузман Јосифоски е класичен пример за токму таков Човек, пример за прав, вистински македонски и комунистички борец. Еден сомисленик и другар на Кузмана, пишуваше дека него „сè му беше подредено на неговиот борбен жар. Тој и немаше свој личен живот.“

Александар Литовски

Во тоа необично честољубиво суштество именувано со партиско име Питу, веројатно, секој ден беснееше бура од нездоволство од состојбата во која се наоѓаше Човекот, во која се наоѓаа Македонија и Македонците, и, сосема сигурно, се јавуваше несопирлив порив за борба за национално и социјално ослободување. Денес кога живееме во време на сомневање во било какви доблести, во време на длабоко, фундаментално, онтолошко неверување во можностите на човекот да го хуманизира сопствениот свет, името на Кузман, независно од трагизмот што го имплицира неговиот пример на загуба на младиот живот во борбата, ја распламтува надежта за можностите на Човекот да се издигне како креатор на својата судбина, на својата сегашност и иднина. Освен тоа, пишувањето за Кузмана и неговите „браќа по идеја“, може да служи за деконструкција и делегитимизација на лагите од десничарскиот антимакедонски и антикомунистички ревизионизам. Таа делегитимизација, денес е повеќе од нужна, оти сме нападнати со туѓородни националшовинистички бајки, а како што во една пригода запишал Теодор Адорно: „таму каде ќе завладее релативизацијата на вистината, до тој степен што се одвива сизифовски напор за да се одлачи од лагата, секое зборување се сведува на бајка за стварноста.“ Измината или актуелна стварност, сеедно.

Значи, на дваесет и петтиот ден од февруари во четириесет и четвртата година, царборисовските џандари го прострелаа срцето, на најважниот македонски херој и национален борец –  Кузман Јосифоски–Питу. Може да се каже дека тогаш беше прострелано највредното и најголемото срце на македонската Националноослободителна и социјалистичката револуција. Оти, Кузман, недвојбено, беше рожба на вековните македонски страданија, океаните крв и народни понижувања, но и најцелосен репрезент на македонскиот слободарски морал и менталитет, на вековната македонска националноослободителна борба.

Она што почналo да се сее од Кузмана и неговите сочуственици и соидејници на оној наш македонски бунтовен 11 октомври, тој револуционерен комунистички, антифашистички и националноослободителен ветер, беше само почеток на организираната ослободителна војна, која по скоро четири години ќе доведе до македонска победа и создавање на македонската национална држава. Секако, тоа не беше време во кое владее култ на поезијата, филозофијата и науката, не беше време за практикување на творештво во интелектуална тишина и хармонија. Тоа беше крваво време, време кога фашистичките бесилки се множеа низ градовите и селата, време на лична несигурност, немири, тревоги, пукотници, потери, рации и претреси, хаос, ѕвецкање на прангите со кои беа оковувани слободољупците македонски. Тоа беше време кога се палеа „српски, еврејски, комунистички и хуманистички“ книги, кога масовно се стрелаа и уништуваа луѓе, а никој не можеше да знае и не знаеше – кога сето тоа ќе запре и како ќе заврши.

Кузман, мошне jаcнo и доследно, свесен значењето на својата сопствена идеолошка матрица, која е во основа македонистичка, марксистичка и материјалистичка, го критикуваше, не само капиталистичкиот светоглед и свет, туку и денационализаторските антимакедонски политики на српскиот, грчкиот и бугарскиот експанзионистички национализам. Знаеше Кузман, секако, за опасностите кои му се закануваат во тогаш идеолошки строго поделениот свет. Впрочем, како активен член и функционер на комунистичката партија, тој честопати беше „гостин“ на полициските ќумези. Сепак, наспроти тие опасности, наспроти секојдневниот џандарски тормоз, тој ја докажуваше некохерентноста, фаличноста и антихуманоста на „светиот“ капиталистички поредок, во сите негови варијанти и подваријанти. Со сета своја револуционерна активност, со секој свој текст, Кузман покажуваше дека системот капиталистички е нечовечен и човечки недостоен. И тоа, заедно со неговиот македонизам, беше она што не им се допаѓаше на кучињата чувари на профитот на големосрпската, а потоа и на големобугарската буржоазија. А, не им се допаѓа ниту денес на македонските врховисти, та затоа го пизмат и се трудат, или лажно да го претстават како некаков „националшовинист“, или да го покријат со коприната на заборавот неговото име и дело.

Буржоаскиот „парламентарен кретенизам“ за Кузман беше само обична идеолошко-политичка комедија и глупава лага за да се владее со плебсот. Но, да се сомневаш во непогрешивоста на „слободниот пазар“ и во светоста на приватната сопственост“, во постоењето на Господ и неговиот син на земјата, сред неписмена и заблудена македонска чаршија во првата половина на минатиот век, значеше да си „бандит“, „лудак“, „советски платеник“, најцрн „безбожник“ кој треба да се запали на клада. Сето тоа е толку слично, одвратно слично, на денешнава наша и европска состојба на духот и умот. Сепак, за Кузман  беше јасно дека во време на Борбата и Револуцијата, не само што треба и може да се ликвидираат финансиските метузалеми кои со векови господарат со светот, зашто таквите крвопијци на човечка крв, како што се рокфелерите или царевите, не умеат друго освен да експлоатираат и убиваат, не само што треба да се разруши светската економско-политичка капиталистичка кула во која се уништува Човекот, човечноста и планетата, туку ќе треба да се искористи тој историски момент македонскиот народ национално да се еманципира и да создаде своја македонска национална држава.

Во време кога воената луња веќе морбидно пиштеше низ светот, Кузман кој не е скромен војсководец нa духот, туку човек со чувство на одговорност пред Партијата, Револуцијата и Македонија, реагира бурно и борбено, ставајќи се во првите редови на антифашистичкиот фронт. Од сите „занесеници“ тој е најзанесен и најпосветен во организирањето на антиокупаторската борба и Револуцијата. А нивниот почеток во четириесет и првата година од дваесеттиот век, ги вознемири не само окупаторите, туку и привилегираната македонска врховистичка каста, која го имаше в раце клучот од дуќанот и монополот за правење пари од „патриотизмот“. Таа македонска ситна буржоазија и онаа учителско-егзархиска полуинтелигенција, групации трајно поврзани со бугарската буржоазија и големобугарската национална политика, се почувствуваа, загрозени во своето непречено претприемништво, под точната претпоставка дека доколку победат Кузман и неговите соборци повеќе ќе нeма македонски слуги и робови кои ќе создаваат удопства за нив.

За разлика од Кузмана, многумина во тоа воено невреме се бранеа „дека не се комунисти“, дека не се еретици, туку дека „безрезервно веруваат во Бог“, декларираа „дека се Бугари, а не Македонци“. Како некакви преплашени чираци, се претвораа во мизерни квислинзи и пред фашизоидните сеништа лигаво, како дождовни црви, се бранеа дека никогаш не се сомневаа во своето „бугарско потекло“ и немаат намера да ги преиспитуваат и предизвикуваат големобугарските и фашистичките догми. Се бранеа нападно и настојуваа да го уверат цел круг свои роднини, пријатели и сограѓани дека ништо не знаат за комунизмот, дека мислат оти луѓето што изговараат мошне тешки зборови против светоста на капиталот се поправо заведени луѓе и дека тие со нив немаат ништо. Стоеја, морално конформистички, клекнати пред фашизоидното зло, па се правдаа дека се фашисти и Бугари, дека не разбираат руски и не можат да ја следат комунистичката пропаганда на Радио Москва, дека никогаш немаа разбирање за Комунистичкиот манифест, дека немаа време за читање, туку само за својата сопствена работа, дека се далеку од дневната политика, дека се убедени во победата на Вермахтот на Источниот фронт, дека сета таа врева илегално-партизанска ним му е премногу гласна и примитивна, дека не знаат зошто воопшто има млади Македонци кои се бунтуваат против „обединувањето со мајката-родина“, дека „родоотстапничките“ македонистички зборови и антифашистичките пукотници низ планините само ќe ја зголемат општата „нecpeќa“ што ја снашло земјата…

Кузман се истопори пред јасновидливата опасност да биде уапсен и затворен, а потем заклан и погребан на парчиња. Впрочем, како сите оние кои се намерачиле да се спротистават на тогашната моќна бугарофашистичка власт. Како илегалец од првите денови на реокупацијата на Македонија во четириесет и првата година, трајно беше пред опасноста полицијата да го открие, уапси и затвори. Да се говори и дејствува комунистички, антифашистички и македонистички, во тие моменти на триумф на фашизмот, антикомунизмот и антимакедонизмот, дека Македонија треба да биде слободна и социјалистичка држава, дека Хитлер и неговите сојузници ќе ја загубат војната од Црвената армија, дека ќе им се одземат воените добивки на сите воени профитери, беше не само лудачки смело, туку, навидум, беше целосно утопистичко верување и дејствување.

Но, токму затоа, Кузман се претвори во македонското знаме на слободата! Во македонска вистина! Во херој и маченик, борец и јунак на Македонија! Оттаму, може да се каже дека тој е пулсот на една револуционерна македонска епоха, душата на еден народ со векови одрекуван, асимилиран и уништуван. Тој е едновремено и пророк, и борец на македонизмот! Затоа, денес, воочи на датумот од погибјата на овој голем Човек и најголем Македонец, сетете се на него, на неговото дело, на неговата судбина, на неговата смрт. Едноставно, Македонија и Македонците, секако, доколку сакаат да бидат Македонци, никако не смеат да им дозволат на врховистите и бугарските платени агенти да извршат damnatio memoriae на личноста и делото на Кузман Јосифоски–Питу. Големиот македонски глумец Илија Милчин, запишувајќи ги своите спомени за Кузмана пред нешто помалку од триесет години, глаголеше „чудно е нашето македонско проклетство: не ги гледаме или, поточно, не сакаме да ги видиме нашите вистински херои од поблиското минато, а се мачиме да ги бараме во далечните времиња…“ Некои обиди во антикомунистичката историографија кои настојуваат да го прикажат Кузман како противник, на Тито, Југославија, Колишевски, Темпо, Сталин, Советскиот  Сојуз, комунизмот…, се без никаква објективна основа и, оттаму, се крајно глупави и безвредни. Всушност, тие се само израз на методот со кој се служат, како што вели Милчин „десните националисти“, а, всушност, денес најповеќе,  вљубениците во бугароманскиот врховизам: преку лаги и полувистини да се користат најголемите комунисти во антикомунистичката борба. На крајот, мислам дека е нужно да подвлечам: ова, освен што е текст во слава на големиот Кузман, не е историски текст, не е текст за минатото, туку предупредување за опасностите од врховизмот и неофашизмот во сегашноста и упатство за вистински македонски патриотизам во иднината.