Познато е од историјата дека почетокот на рушењето на секоја „идеја“ започнува преку нејзина демонизација. Злосторствата низ историјата се правени во име на религијата, демократијата, класата, расата…
Нивната скандализација, нивното истакнување во преден план, нивната „општа“ осуда зависи од односот на силите на политичката сцена. Да се каже дека тоа, најчесто, нема ни приближна врска со реалната историска слика, односно со стварноста, е секако непотребно и отповеќе, затоа што на сите просечно писмени луѓе тоа им е сосема јасно. Како што им е познато и јасно оти „победниците ја пишуваат историјата“, па по победата на неолиберализмот од крајот на минатиот век пред јавноста се истакнати, реалните или измислените, злосторства на комунистите. Глупавата и лажна „Црна книга на комунизмот“ го доживеа својот медиумски триумф. Тој антикомунизам и денес е „модерен“. И дебело профитабилен, секако.
Денес, во светски рамки, автентичната левица е малубројна и во дефанзива. Особено тоа е видливо на овие наши простори. Впрочем, постојат низа автори кои, веројатно со право, тврдат дека во балканските и источноевропските земји повеќе воопшто не постои автентична левица како организирана политичка сила. Вирусот на неолиберализмот, антикомунизмот и националшовинизмот од деведесеттите години на минатиот век го поттикнуваше и, сè уште, го поттикнува, нагризувањето на левичарските идеи и идеали, а го овозможи и крахот на идејата за европски социјализам. Тоа е нешто слично, само иреверзибилно, на резултатот што го имал антиколонијализмот како вирус за ерозија на капиталистичкиот империјализам во средината на минатиот век.
Јавниот дискурс кој е изразито антикомунистички, најдобро сведочи за односот на силите меѓу десницата и левицата во светот. Големите тектонски промени на глобално ниво, Македонија, секако, дека не можеше да ги издржи без коренити промени внатре. Но, брзината на свртување в десно, за едно општество кое во време на егизистирањето на социјалистичка Македонија, доживеа огромен економски, културен, државноправен и национален развој, е во најмала рака политички перверзно. На едно персонално ниво тоа беше и е – своевидна патологија. Во овој контекст е, на пример, честата употреба на терминот „комуњари“ од заблуденото, бесвесно и бессовесно стадо на идеолошки конвертити и фашизоидно заблудени десничарски кретени.
Се изнаслушавме во изминативе триесетина години многу клетви, пцости, зборови на потценување, омраза, презир, етикетирања, навреди и закани со кои се урива интегритетот и достоинството на човекот од спротивната страна на политичката барикада. „Комуњарите“, за мнозина, станаа главниот замислен противник и непријател. Овој пежоративен јазичен израз, треба да извлечи паралела и да ги изедначи сите денешни левичари со некогашните комунисти. Сосема неоправдано и неточно, секако. А, комунистите беа токму оние кои храбро влетаа во антиокупаторската и антифашистичка борба, каде голем дел од нив ги дадоа своите животи за да имаат денешниве идеолошки кербери своја држава, институции, образование, култура, јазик, политичка слобода, кров над главата, фабрики, училишта и останата инфраструктура, со која можат денес да управуваат и заради која можат да живеат. Од целата оваа ситуација, лесно може да се заклучи дека десничарската фашизоидна глупост е безгранична и дека нејзините носители, очигледно, немаат поим ниту што значеше комунистичкото движење во светот, ниту што значеше за Македонија. Ако знаеја, ако глупоста не им ја имаше расквасено мозочната маса и претворено во пивтија, ќе разбереа дека попусто пежоративно го употребуваат зборот „комуњари“, оти во него се врамени најважните и најдобрите цивилизациски и хуманистички вредности.
Од друга страна, ликовите кои од името на левицата ја заграбија власта заборавија дека јustitia regnorum fundamentum, заборавија на основните левичарски постулати за еднаквост и солидарност, заборавија дека државата постои заради народот, а не за нивно богатење, заборавија дека не може да тргуваат со идеите или идентитетот на нацијата… Заборавија многу работи што не смееја да ги заборават и заради тоа жнееја политички порази. И за сето време оние политички и идеолошки безлични крлежи закачени за левицата, секогаш преживуваа, се прилагодуваа на условите во гнасната политичка бара во која, всушност, можеа да егзистираат само нивните политички интриги, лаги и измами, нивните коруптивни зделки и клеветнички кампањи. Неискрената, лицемерната, одвратната, наместено искривоколчената „лојалност“ на овие паразити, при нашето пловење по глобално-политичките немирните води на палубата од нашиот брод, оневозможува да постои некаква морална рамнотежа, што пак нужно кај сите нормални луѓе предизвикува болест од која им се превртува утробата и имаат незадржлив нагон на повраќање.
Идејната и политичка ветрометина на која се наоѓа денешната левица, во светски координати, бара од неа да почне да го мисли Човекот во најблагородната смисла на тој поим. Дури, оваа „мисла“ треба да стане должност и на нашата самопрогласена, а обезглавена и дезиделогизирана македонска левица. Барем теоретски. Таквото „мислење“ е неопходно во ова наше време на тотална десничарска неофашистичка и неолиберална пропаганда. Таа секојдневна ментална гимнастика, во нашата фашизоидна стварност, му е потребна на секој здраворазумски левичар, антифашист, слободољубец, хуманист…, за да може да се „исчисти“ од секојдневната смрдеа и кал, од одвратната и гадна реа, од нечистотијата, од сите фекалии кои во огромни количини се произведуваат од глобалната и локалната антикомунистичка и антихуманистичка платеничка орда. А, откако ќе го засака Човекот, тогаш левицата ќе биде спремна да се бори, искрено и пожртвувано, за неговите потреби, права и слободи.