По повод 38 годишнината од неговата смрт, официјална делегација на Левица на највисоко ниво, составена од претседателот проф. д-р Димитар Апасиев и членовите на Президиумот – м-р Реџеп Исмаил Хактан и Гораст Муратовски, оддадоа почит пред вечното почивалиште на албанскиот државник, партизан и комунист Енвер Хоџа (1908-1985) – поранешен премиер на Народна Република Албанија во периодот по Втората светска војна.
“Како посветен и антиревизионистички левичар, Хоџа е основоположник на современата албанска држава и прв секретар на ЦК на Комунистичката партија на Албанија (подоцна преименувана во Партија на трудот), која беше основана со југословенска и советска поддршка. Овој француски студент стана симболот на антифашистичкиот отпор на нашите соседи против италијанската окупација, делувајќи како политички комесар на Народно-ослободителната армија на Албанија”, изјавија од Левица.
“Под неговото четиридецениско владеење, Република Албанија, која беше оставена во руини после укинувањето на монархијата, зачекори кон изградба на нови темели: беше изградена првата железничка пруга на нејзина територија, земјата почна со забрзана електрификација, беа искоренети низа епидемиски болести, стапката на писменост беше зголемена од 5% на 90%, државата стана земјоделски независна земја преку колективизација на плодното земјиште, а беше извршена и радикална секуларизација на религијата. Тој водеше беспоштедна борба против локалните великопоседници, клерот и племенските старешини, кои го држеа народот во класна потчинетост и незнаење. За време на неговиот живот успеа да ја трансформира Албанија од полуфеудален вилает на Отоманската империја во индустријализирана планска економија.
Како тогаш, така и сега искрената соработка помеѓу слободните балкански народи е можна само преку левичарски политички партии, во услови каде што народите од регионот ќе развиваат рамноправни општества, во хармонија и стабилност, без странско империјалистичко влијание од надвор и корумпирани квислиншки структури од внатре.
Новите геополитички прилики кои ги живееме, наговестуваат време на големи промени кон подобро и конечно ослободување на народите од Балканот од уназадувачкото слугување на туѓи интереси. Левица, во духот на интернационализмот, смета дека вистинската политичка еманципација и соживот помеѓу народите е можен само преку доследна социјалистичка платформа која ќе ги елиминира сите појавни форми на експлоатација и класно угнетување на соседните народи.
Смрт на фашизмот, слобода на народот!” – Левица