Ваша екселенцијо,
Иако вашата посета на Скопје е дел од регионална турнеја, убеден сум дека во Македонија најмногу ве очекувме, за разлика од сите други држави во регионот. Не познавам таков кој нема очекувања од вашата посета, а врзани за развојот на политичката состојба, независно дали тие се негативни или оптимистички. Ве уверувам, многу повеќе за вашиот краток престој во Скопје се интересираат оние кои директно ја создадоа политичката и институционална криза во Македонија, одошто оние кои сакаат доправа да дојдат на власт во земјава.
Претпоставувам дека вашите локални службници ви подготвиле детален брифинг за секое од горливите прашања кои би требало да ги отворите и разговарате со партиските лидери. Се надевам во дипломатскиот брифинг ви е поместена и информацијата оти вашата посета на Скопје коинцидира со одбележување на 3 месеци од започнувањето на најмасовните граѓански протести во Македонија, каде граѓаните на оваа земја бараат правда и одговорност. Да, во Македонија граѓаните протестираат, барајќи правда и подобро утре, а пропагандата тоа го поистоветува со некакво украинско сценарио, вас премногу добро познато.
Знаете, граѓаните на Македонија се чуден народ, кој многу толерира, трпи и верува дека „утре ќе биде подобро“ притоа правејќи малку или ништо за личното подобро утре. Има и многумина такви кои „не се интересираат за политика“ бидејќи клиентелизмот и комформизот обезбеден во минатите 10на години не им дозволува да имаат свој став или да бараат одговорност од лидерите кои ги бирале. Но има и многу такви кои стануваат се’ погласни во барањето на правда, кои ја повикуваат сопствената влада на одговорност и соочување со правдата.
Нивниот број (претпочитам имате детали и за тоа) секојдневно расте и, не го сочинуваат само оние кои физички излегуваат на протести по македонските улици, ами е многу поголем. Но, авториратното владеење на оваа Влада на голем дел од тие критички умови не им дозволува тоа незадоволство да го изразат јавно. Тоа е она што се нарекува страв и уцена, Ваша екселенцијо. Прангите на стравот во ова парче земја почнаа да се кршат, но недоволно брзо и силно за граѓаните сами да се изборат за промена на корумпираните и недемократски политичари.
Ценета амбасадорке,
Преголеми се надежите и очекувањата од вас. Немам илузии дека имате волшебно стапче со кое ќе ги натерате домашните неодговорни политичари на одговорност, ќе им всадите разум и одговорност и на едните и другите, ниту пак дека имате мандат за тоа. Уште помалку, пак, сметам дека вашата држава особено сега има специјален интерес за Македонија, поголем од оној за околните држави. Но, во име на се’ она што до сега го сторивте за малата Македонија, во име на стретешкото партнерство со Македонија и, во име на стотиците милиони долари пари на вашите данични обврзници вложени во оваа земја, аман, вложете се и направете повеќе!
После скоро четврт век самостојност, актуелните политички елити покажаа дека немаат особено чуство за државност и демократија, дека личниот и финансиски интерес им е посилен и поголем од државниот и националниот. Но, доаѓаат новите генерации, родени кога и државата, оние кои имаат поголемо чуство за државност и припадност, кои не сакаат да емигрираат во Чикаго или Њу Јорк, туку да останат овде и живеат достоинствено, демократски и проевропски. Затоа, ваш зголемен и микро ангажман е повеќе од неопходен.
Стотина илјади граѓани на Македонија се надеваат дека после вашата посета политичката криза набрзо ќе се реши, „Пржино“ ќе заживее, а неодговорните полтички партии ќе почнат да се вразумуваат и одговараат. Не знам дали навистина ќе биде така, но насушно важно е да и кажете на владеачките партии дека времето на толерирање и нивна неказнивост (impunity) завршува. Не можеме да живеме повеќе вака. Доколку најмногу од парите вложени во Македонија на вашите грѓани завршија во областите владеење на право, правосудство, борба против корупција и слобода на говор, зарем не е крајно време без дипломатски речник и ракавици отворено да им кажете на владеачите партии дека е вистинско време да престанат да крадат, да престанат да не задолжуваат, а за сето направено да почнат да одговараат? Дали и после четврт век, меѓународната заедница во која Америка е најголем и се уште најсилен играч, ќе дозволи малата Македонија и натаму да биде регионален проблем на Балканот? Си спомнувам на часовите по меѓународната политика, каде уште од времето на Тукидид големите држави диктирале политики и правила кои малите земји морале да ги почитуваат, во зависност од интересот на овие првите. Зарем САД и натаму ќе ги толелираат грешките на европејците и ќе дозволат неразумни и алчни политичари и натаму да претставуваат потенцијална опасност и за регионот, не само сопствената земја? Нашата безбедноса и општествена стабилност станува сериозно загрозена. Време е за конкретни акции, екселенцио! За воља на вистината, ние покажавме дека не можеме да се справиме сами со овој авторитарен режим, но истовремено, искрено и отворено кажуваме дека ја научивме лекцијата од грешките во минатото и ќе се бориме повеќе и по одговорно, но сега и овде вашата американска помош и делување е повеќе од неопходно.
За разлика од вашата улога во други региони и држави во светот, овде САД биле искрени поддржувачи и партнери. Најголем дел од нашето досегашно опстојување и меѓународен продор се должи на вашата помош и поддршка од минатото. Сега во услови кога третиот и вториот ешалон на политичари од владеачките партии отворено заговараат т.н. „деамериканизација“ на македонското општество, водат најдолни и најгнасни кампањи и пропаганда против САД, притоа мечтаејќи за нови меѓународни сојузи и партнерства, повеќе од неопходно е за време на вашата посета недвојбено да покажете дека официјален Вашингтон се уште е најголемиот и најблиски поддржувач на кревката и неразвиена Македонија.
Во годината кога навршуваме 25 години од нашата државност, сведочиме дополнителна неизвесност и опасност по нашата иднина, госпоѓо Нуланд, и сметам дека вие тоа совршно го знаете. Дали и колку општеството ќе смогне сили да зачекори напред и започне успешно да се носи со големите и тешки предизвици кои му претстојат зависи од нас самите, но бидејќи македонските политчки елити покажуваат се помалку одговорност, вашата порака и помош би требало да биде силна, недвојбена и многу конкретна и понатаму. Барем додека да дојде некоја нова генерација политичари, кои ќе знаат повеќе, а ќе крадат помалку. Зарем не е време да си одат и одговараат што поскоро? Кога правото ќе завладее овде?
На крајот, прочитав дека ќе имате средби и со претставнци од граѓанскиот сектор и аналитичари, па ве молам посветете повеќе време и внимание и за нив. Тие најдлабински и објективно ќе ви ги посочат проблемите. Убеден сум и дел од решенијата. Крајно време е меѓународната заедница да ги исправи грешките од минатото по однос на Македонија, или многу набрзо ќе се соочи со нов македонски емигрантски „егзодус“ и пред вашите порти. Пред да заминете за Кипар, посакувам да одвоите барем половина час да видите каков е сега центарот на Скопје. Верувајте тој не е онаков каков што го знаете од претходно и истовремно најмногу говори за тоа во каква апсурдна, тешка и хаотична состојба ние овде живееме.
Со искрена почит,
Кирил ЕФРЕМОВСКИ