Ликовната изложба „Регенерација“ на авторките Ана Ивановска, Христина Зафировска и Маја Кировска ќе биде отворена во понеделник, 23 декември 2024 во 19 часот во Културно информативен центар на РС Македонија во Тирана, Албанија. Љубителите на уметноста ќе можат да ја посетат до 27 декември.
Преку своите дела трите авторки се осврнуваат на периодот полн со промени во начинот на живеење предизвикани од пандемијата Ковид 19, кој неизбежно се рефлектираше во нивните дела. Тие ја преиспитуваат релацијата на видливиот свет со невидливите опасности. Се однесува на сопствената трансформација, како и на емоциите и чувствата поттикнати од промените на животниот тек предизвикани од пандемијата и новите наметнати стандарди во секојдневното живеење, и воедно, го преиспитува сопствениот обновувачки процес (регенерација) од настанатата ситуација.
„Делата на Ана Ивановска се засноваат врз истражување на тема глобалната пандемија како и реакција на моменталните тенденции и глобални случувања во светот, кои несомнено оставаат траг врз секојдневието на луѓето. Фокусот е ставен на сопствената внатрешна трансформација, разните ментални состојби, ситуации и чувствата. Тие претставуваат визуелна манифестација на стравот, безизлезната ситуација и ограничената слобода како бариера во општењето со светот. Настанати се преку процесот на експериментирање и комбинација на фотографија, принт и други материјали (жилети, ќибрити, плексиглас, колаж). И покрај тоа, низ делата провејува нишка на оптимизам, бидејќи периодот на изолација, исто така, допринесе за развивање на чувството на исполнетост преку пронаоѓање на внатрешниот мир, со надеж за одново обновување и регенерација во времето кое што допрва доаѓа. Целта е да се поттикне поголема свесност за работите кои забораваме да ги забележуваме и создавање на нова перцепција за нашето опкружување. Тој порив произлегува од постојаната потрага за спознавање на сопствената природа и чувството на обединување со универзумот.
Р
егенерацијата како тема е тесно поврзана со генетиката на секоја постоечка единка, но голем дел од нејзините процеси зависат и од времето и условите во кои таа единка се развива… Овие влијанија делуваат на нејзиното обновување, нејзините последици и опстојување во дадената физичка форма. Христина Зафировска, преку своите дела, на апстрактен и сликовит начин го прикажува реалното и невидливото со голо око, поттикната од промените на животниот тек, настанати од пандемијата. Серијалот го интерпретира биолошкиот процес од една страна, кружниот строеж на вирусот, неговото создавање, виреење, проширување и пренесување, а од друга страна, преку визуелно прикажаниот регенеративен процес, делата ја претставуваат „последицата“ и процесот на физичко и ментално обновување настанато поради периодот на принудната изолација. Во делата комбинира повеќе начини на изразност – објекти со поп-артистички колористички изведби, текстуална игра на зборови, плошни плакатски решенија, каде што дводимензионалноста на геометриските форми и поединечните секвенци стануваат целини, а со тоа самите форми стануваат своевидни објекти во просторот.
Маја Кировска претставува воздушести човечки фигури изработени од лесен природен материјал (скелети од листови од дрво), кои навидум лебдат во слободниот простор. Овие фигури наликуваат на костими кои ја следат анатомската форма на телото, а немаат екстремитети и глави слично на остатоците од пронајдените антички скулптури. Скелетите од листовите всушност го претставуваат циркулаторниот ситем на листот од дрво, тоа е оној систем кој ги снабдува со вода и ги одржува во живот. Тоа на еден симболичен начин се врзува за темата на изложбата „Регенерација“. Овие човечки фигури со својата транспарентност истовремено наликуваат на кожа која змијата ја отфрла откако ќе и стане тесна. Формата на човекот е присутна како остаток, како сведоштво за некоја негова преходна состојба, а тој не изчезнал туку пораснал, се трансформирал, ги пребродил предизвиците. Како паралела, на ѕидот се поставени слики во повеќе нијанси на црвена боја која потсетува на крв. Крвта е таа која го снабдува човекот со сите потребни материи и го одржува во живот, слично како водата преку системот за циркулација на растенијата.“ – Авторите Ана Ивановска, Христина Зафировска и Маја Кировска
„Помеѓу зборовите, мислите и битието отсекогаш постои бездна… Делата на конкретниве три уметници нè водат преку симболичен мост на невозможната мисија. Со атрибутот го отелотворуваат глаголот, а со глаголот атрибутот. Регенерација на кодот… регенерација на езотерична естетика… регенерација на времето кое ни доаѓа. Регенерација на просечно и болно, е она што нуди и прави емпатија, регенерација на минорното и грдото, е она што не ни се допаѓа. Забележливо е дека, јас авторот со ситниов број напишани зборови тешко се регенерирам во својот слободен пад помеѓу мислите и битието… сепак, во хармонијата на вкрстување на информации од било кој тип добиваме: машина, тело и дело кое се регенерира во веќе постоечка квантна состојба од варијантите. Непоколебливо присутни со своите регенеративни идеи се: Христина Зафировска, Ана Ивановска и Маја Кировска кои го даваат своето себство спојувајќи се во просторот на Галерија МКЦ. Просторот е битен… во него времето минува и се отелотворува заедно со визиите на објектите кои ќе бидат поставени во него. Транспарентно видлива стварност на одреден код, кој ќе биде отелотворен во свеста на посетителот. А, посетителот ќе суди, и пресудата ќе важи само за него.
П.С. Секој пишан збор (кој не вреди колку мисловниот) е во интерес на антиципирање на настанот. “ – Горјан Ѓорѓиев.