Локални избори во октомври, договорија партиите на координација без ВМРО-ДПМНЕ

Сподели

На денешната координација со претседателот на Собранието, Талат Џафери, претставниците на парламентарните партии се договориле дека е потребно да се донесе предлог-закон за изменување и за дополнување на Изборниот законик, со кој одржувањето на локалните избори ќе биде предвидено за првата половина од октомври, а мандатот на сегашните градоначалници и советници ќе биде продолжен до изборот на новите членови на советите и на градоначалниците.

„Претседателот Џафери беше известен и дека партиите се согласуваат расправата по предлог-законот да биде ефикасна и да се исклучи секаква можност за нејзино непотребно одолжување“, информираат од кабинетот на Џафери.

Џафери ги повикал партиите да формираат пратенички групи за да се овозможат услови за редовно работење на Собранието, како и дека од нив очекува да постигнат договор за формирање работни тела за измени на Изборниот законик.

„Претседателот Џафери и претставниците на политичките партии се согласија дека политичкиот дијалог мора да продолжи во Собранието на Република Македонија и дека сите политички субјекти треба да бидат одговорни пред граѓаните и да придонесат за продолжување на демократските процеси во Република Македонија“, се додава во соопштението.

На координацијата во Собранието присутни биле претставници на СДСМ и на коалицијата, на ДУИ, Беса, Алијанса за Албанците и на ДПА, а не бил присутен претставник на ВМРО-ДПМНЕ и на нејзината коалиција.

meta.mk