„Либералната партија му го честита на г. Талат Џафери изборот за претседател на Собранието на РМ. Тоа е единствената добра вест од вчерашниот ден.
Степенот на разореност на државните институции го видоа граѓаните и светската јавност во однесувањето на полицијата кон оние кои насилно влегуваа во Собранието. Иако некои од демонстрантите беа со фантомки и нивната намера беше препознатлива, многумина од полицајците (ЕБР) што први беа таму дојдени се „братимеа“ и си честитаа со насилниците што масовно влегуваа во Собранието и се упатуваа кон пратениците. Тоа е доволен знак да се бара темелно чистење во полицијата од првиот ред до врвот по вертикала и хоризонтала.
Влегувањето на сила во Собранието од демонстрантите имаше карактер на вистински насилен бунт против државата. Тоа беше и очекувано кога се имаат во вид интензивните повикувања на народот да си ја „одбрани“ државата упатувани од Никола Груевски и Ѓорѓе Иванов. Она што се случи на 27 април 2017 во Собранието на Македонија укажува како „народот брани“ држава, разорувајќи ги нејзините институции.
Се надеваме дека ова е веќе пресврт во Македонија во позитивна насока. Но исто така сметаме дека на патот кон позитивни промени во Македонија како голема препрека стојат Ѓорѓе Иванов и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. Никола Груевски не е така умно заостанат како што произлегува од неговото обраќање за смирување и против насилството. Тој фактички кукавички им свртува грб на сите што ги повикуваше и ги храбреше насилно да го спречат демократскиот процес за конституирање на Собранието и избор на влада. Затоа тој треба да исчезне од политичкиот живот на Македонија. За тоа треба да се свесни и масата членство на ВМРО-ДПМНЕ кои од синоќешните настани можат да видат каков товар за нив претставува водството на нивната партија на чело со Никола Груевски.
Посебна приказна е однесувањето на Ѓорѓе Иванов. Тој, со своето газење врз Уставот и отфрлање на здравиот разум како придобивка на човечкиот рзавој им даде личен пример на сите оние кои вчера жестоко ги нападнаа пратениците од парламентарното мнозинство. Со досегашното свое однесување тој нема право да повикува никого за консултации, бидејќи консултациите со него од страна на стручната јавност во Македонија како и со безброј странски државници пријатели на Македонија, покажаа колку е тој деструктивен. Тој може да си ја олесни делумно својата ситуација и своите гревови, ако итно денес му го даде мандатот за формирање нова влада на претставникот на парламентарното мнозинство.
Очигледно, според се што се случи вчера сенаторот Џон Мекејн е во право кога вели дека за смирување на ситуацијата во Македонија е потребен поголем ангажман на САД и ЕУ“, се вели во соопштението на ЛП.