Во однос на прашањето на мандатите на органите на локалната самоуправа, Либералната партија повикува на расправа за законски измени за продолжување на мандатот на градоначалниците и советите на општините во насока на техничко продолжување на мандатот, т.е продолжување на правото на извршување само на техничките обврски на општините (плати на вработените во администрацијата, исплата на режиски трошоци, исплата на тековните времени ситуации на фирмите кои што одржуваат и вршат градежни работи за локалната самоуправа, издавање градежни дозволи врз основа на постоечки урбанистички планови и слично).
Либералната партија посочува дека продолжувањето на мандатот на локалната самоуправа не смее да им даде можност на општините да вработуваат нови лица во администрациите, да усвојува нови генерални или детални урбанистички планови, да распишуваат нови тендери и воопшто да создаваат нови обврски за идните легални и легитимни локални органи.
Според Либералната партија, искуството со т.н. „техничка влада“ на овој начин може да биде применето и во овој случај, и тоа ќе овозможи доволен временски период за утврдување на датум за локални избори без временски притисок, во добра верба и промислен политички дијалог.