Компанијата „Microsoft“ (Мајкрософт) ги информираше вработените дека планира да ги реструктурира своите продажни и маркетинг активности, но некои стравуваат дека со реорганизацијата ќе намали и бројот на работните места, јавува Anadolu Agency (AA).
Неколку извори од компанијата за медиумите изјавија дека илјадници работници наскоро ќе бидат отпуштени како дел од планот.
Во писмото до вработените не се споменуваат отпуштања, но портпаролот на компанијата за AА изјави дека „Microsoft“ ги спроведува промените за подобро да им служи на клиентите и на партнерите“, истакнувајќи дека нема што да додаде во однос исказите за отпуштањата.
Во суштина, компанијата сака повеќе да се фокусира на услугите т.н. „cloud computing“ (обработка во облак), наместо на самостојни делови на софтвер, како што е Microsoft Office (Мајкрософт офис).
„Постои огромна пазарна можност од 4,5 билиони долари во нашите комерцијални и потрошувачки бизниси“, се вели во писмото до вработените.
„’Cloud computing’ се очекува да биде глобална индустрија до крајот на 2017 година, во вредност од 246,8 милијарди долари“, се вели во извештајот на компанијата за анализа на пазарот „Gartner“ (Гартнер).
„Microsoft“ на тоа поле веќе се соочува со голема конкуренција од „Amazon“ и „Google“.
„Ние единствено сме насочени кон тоа да го придвижуваме напред успехот на нашите клиенти и партнери, водејќи ги преку нивната дигитална трансформација и станувајќи нивен партнер во изборот“, се вели во писмото. „За да ни помогнете да го направиме тоа, почнувајќи од денес, започнуваме со спроведувањето на промените во нашите комерцијални и кориснички модели. Овие промени ќе ни овозможат најдобро да ги задоволиме растечките потреби на нашите клиенти и партнери, и да ги поттикнуваме да постигнат повеќе“.
„Microsoft“ укина 2.850 работни места во 2016 година, од кои најголем дел беа поврзани со неуспешното влегување во индустријата за производство на паметни телефони.