МАКЕДОНИЈА: ПАТОТ ДО НАТО (ВИДЕО)

Сподели

Денеска на платото пред владата, на свечена церемонија се крева знамето на НАТО. Иако Македонија, со потпишувањето на пристапниот протокол доби место во Алијансата, постојат повеќе чекори до полноправното членство.

Најкус период во кој што една земја станала полноправна членка по по потпишување на пристапниот протокол биле девет месеци. Толку чекале Хрватска и Албанија, чии пристапни протоколи беа потпишани на 9 јули 2008 година, а формално станаа членки на 1 април следната година. Македонија формално ќе стане полноправна членка на НАТО во моментот кога во Вашингтон ќе го предаде „пристапниот инструмент“, во нашиот случај одлуката за пристапување и закон за ратификација на меѓународниот договор за Северноатлантски сојуз (Вашингтонски договор).

Според објаснувањето на НАТО, сега сојузниците треба да го ратификуваат протоколот за пристапување на Македонија според своите национални процедури.

– Процедурата за ратификација е различна од земја до земја. На пример, во САД е потребно двотретинско мнозинство за потребната легислатива да мине во Сенатот. Во други земји, на пример во Обединетото кралство, не е потребно формално гласање во парламентот – наведува Алијансата.

Откако сите сојузници ќе го ратификуваат протоколот, според процедурата, генералниот секретар на НАТО формално ја поканува земјата да му се приклучи на Северноатлантскиот сојуз. Ова се случува откако сите сојузници ќе ја известат владата на САД, во чие „владение“ е Вашингтонскиот договор.

Новата членка тогаш го прифаќа Вашингтонскиот договор според својата процедура за ратификација на меѓународни договори – некаде со собраниско гласање, некаде со референдум, некаде со владина одлука.

Одлуката или законот за ратификација на Вашингтонскиот договор, формално „пристапен инструмент“, потоа му се доставува на Стејт департментот, а чинот претставува формален прием во членство во НАТО.

Периодот на ратификација во последните четири бранови на проширување се движел од 15 месеци до девет месеци. Земјите од Вишеградската група (Чешка, Унгарија и Полска) биле поканети на Самитот во Мадрид во 1997 година, во декември таа година боле потпишани протоколите за пристап,  а станале членки на 12 март 1999 година. Вилнус групата (Бугарија, Естонија, Латвија, Литванија, Романија, Словачка и Словенија) по поканата на Вашингтонскиот самит во 1999 година, потпишале протокол во март 2003, а станале членки на 29 март 2004 година.

Најбрз прием имале земјите од Јадранската група – Хрватска и Албанија. По поканата на Самитот во Букурешт со 2008 година, кога влезот на Македонија беше блокиран од Грција, двете земји добиле пристпани протоколи на 9 јули 2008, а членство на 1 април 2009 година. Последната членка, Црна Гора, доби покана во декември 2015 година, протокол во мај 2016 година, а формално членство во јуни 2016 година.

meta.mk