Вечерва, Македонската филхармонија со солистот Дино Имери и диригентот маестро Борјан Цанев свечено ќе ја отвори новата сезона. Министерот за култура на РМ, Роберт Алаѓозовски и в.д директорот на Филхармонијата, Виктор Илиески денес го претставија новиот објект за медиумите и информираа за сите зафати кои беа спроведени за објектот да ги добие сите потребни дозволи за официјална употреба.
„Задоволен сум што Македонската филхармонија е целосно подготвена да ја почне својата зимска сезона на најдобар можен начин. Во изминативе 5 месеци покажавме дека не само што можеме да работиме согласно даден краен рок, туку и дека можеме да ги доведеме сите работи во законска рамка, особено оние недовршените, несоодветните, незаконските, работите кои не беа во согласност процедурите и правилниците“, рече министерот Алаѓозовски при денешната посета на новиот објект.
Тој им честиташе на вработените во Филхармонијата, во Министерството за култура и на останатите надлежни министерства и органи кои што, како што рече, дадоа сè од себе оваа голема акција да се заврши. „Нашата идеја е да работиме во интерес на граѓаните и да работиме согласно законот и процедурите. Не само што не ги напуштаме проектите на претходниците, туку ги надминуваме сите нивни слабости“, истакна Алаѓозовски, кој воедно им честита и на граѓаните коишто добија еден полно оперативен објект, во кој што ќе можат да ги изразуваат своите културни потреби и да се гордеат во рамките на она што е направено.
Решението за употребна дозвола Македонската филхармонија го доби денес, согласно сите процедури, а во однос на долговите кон „Страбаг“, фирмата изведувач на ентериерот, министерот Алаѓозовски објасни дека сè уште се разгледува целата заплеткана ситуација на меѓусебните доверителски односи помеѓу Министерството и „Страбаг“. „Изминативе неколку месеци изградивме најдобра можна меѓусебна атмосфера во која ги решаваме отворените прашања околу финансиите кои ќе ги решаваме онака како што ќе ни овозможуваат нас финансиските буџетски можности, а од друга страна и онака како што ќе успееме да ги допрецизираме сите конкретни, многу специфични ситуации помеѓу нас и ‘Страбаг’, и секако сите останати коишто учествувале во реализација на овој проект“, вели министерот Алаѓозовски.
Виктор Илиески, в.д директор на Македонската филхармонија рече дека тој ја презема одговорноста за доцнењето на отворањето на сезоната, но дека е задоволен што сите техничко -правни тешкотии кои тој ги наследил, се разрешени.
„На 21 мај, објектот беше парадерски пуштен, за сликање, а при тоа малата сала не беше воопшто почната ентериерно да се уредува, и немаше технички преглед. За овој период, успеавме да го добиеме и приклучокот од БЕГ, да ги направиме сите технички прегледи, да ги обезбедиме сите акти за заштита при работа. Сега граѓаните ќе имаат можност да влезат и да присуствуваат на прекрасни концерти, почнувајќи од вечерва, па речиси секоја недела. Ќе ја промовираме и малата сала, која нуди мултифункционални можности“, рече Илиески, истакнувајќи дека Македонската филхармонија ќе служи за пример како еден објект треба да функционира.
Објектот за единствениот симфониски оркестар во Македонија, кој постои 74 години и досега работеше во просториите на Домот на Армијата, почна да се гради во март 2009 година. Изграден е по идејното решение на архитектот Виктор Михајлов и има акустика и архитектоника по светски стандарди. Има две концертни сали – голема со илјада места и мала со 350, како и одделни вежбалници за изведувачи на разни видови инструменти и модерна техника за снимање и музичка продукција.