Според изборот на топ-десет дестинации за 2017 година на компанијата „Осамена планета“ (Lonely Planet), во категоријата градови е Бордо во Франција, а меѓу топ-пет се наоѓа и Охрид, јавува Anadolu Agency (AA).
Компанијата чие седиште е во Австралија направи листа на топ-десет земји, градови, региони и места.
Според тоа, во категоријата градови, првото место им припадна на Французите и на заспаната убавица Бордо, кој од Париз е одалечен два часа возење и е совршен, како што велат авторите на страницата.
На второ место се наоѓа Кејп Таун во Африка, чија гастрономија авторите ја оценија како импресивна.
„Градот на ангелите“ во САД, Лос Анџелес го зазеде третото место. Овој град е многу повеќе од град на брегот и во него е можно да се видат славни личности. За сите љубители на филмот, вкусните јадења, но и шопингот, Лос Анџелес е вистински избор.
Четвртото место му припадна на мексиканскиот град Мерида, кој за 2017 подготви низа настани, а не треба да се заборави ниту фактот дека е еден од најсигурните градови во таа земја.
Сепак, Балканот може да биде задоволен бидејќи на петтото место меѓу топ-дестинациите се наоѓа македонскиот град Охрид, познат по природните убавини, меѓу кои треба да се издвои Охридското езеро. На шестото место се наоѓа Пистоја, во Италија, која често ја нарекуваат „Мала Фиренца“.
Сеул, во Јужна Кореја е претставник на Азија и се наоѓа на седмото место. Динамичен град и центар на трговијата и технологијата, кој сигурно ќе може да им понуди многу на оние што го сакаат динамичниот начин на живот.
Културата, историјата и кујната на Лисабон, главниот град на Португалија, му го донесоа осмото место. Неговите музеи со богатите колекции ќе ги воодушеват вљубениците во историјата.
Деветтото место ѝ припадна на Москва, во Русија, која на љубителите на спортот ќе може да им понуди многу, бидејќи во тој град, во 2018 година се одржува Светското првенство во фудбал.
На последното, но не помалку важно место, се наоѓа Портланд, во сојузната американска држава Орегон. Од Портланд, на 21 август 2017 година ќе биде можно да се види помрачувањето на Сонцето.