“Малиот Трамп” и “малиот-Шенген!” – Meрсел Биљали

Сподели

 

Ричард Гренел го нарекуваат „Малиот Трамп“. Првата реченица што Гренел ја изговори во Приштина и Белград беше: „Ви пренасувам поздрави од претседателот Трамп“. Со тоа им стави до знаење дека нема многу пазарења околу неговите барања. Втората реченица му била – „Не сакам да слушнам за стари политички аргументи“.

Кој е впрочем Ричард Гренeл? Осум години бил портпарол на американската мисија во ООН, каде што крајно арогантно комуницирал со новинарите, дури и ги навредувал. Но, остриот јазик попратен со остар ум, му овозможил осум години да ја обавува таквата задача. Потоа се разболе од рак, но со силна воља и него го победи. Во предизборната кампања стана силен поддржувач и пријател на Трамп, кој потоа го назначи за амбасадор во Германија. Но, и таму не можел да го врзе јазикот, па немилосрдно ги напаѓал и понижил домашните функционери (најмногу потпретседателот на Бундестагот и министерот за финансии), кои дури побарале негово протерување. Но, силата на Трамп ги натерала да потклекнат пред неговата ароганција. Некни слетал во Приштина и без да праша никого од домашните водачи, ја објави директната авио-линија Приштина-Белград. Никој не смеел уста да отвори, иако биле против. Дури и Харадинај кој најмногу се противел, бил принуден да го поздрави таквиот чин! Велат дека и Вучиќ не се осудил ниту во нијанси да му се спротистави!

Пред некое време во американскиот Сенат бил повикан специјалниот претставник на американскиот државен секретар на САД за Западен Балкан, Метју Палмер, кој бил испрашуван за тоа какви се моменталните состојби на Косово. Тој кажа дека ,,прв пат ќе имаме влада без припадниците борци“ и дека тоа го гледа „како потреба на луѓето за промени и дека тоа е добро“. Не ја отфрлил и опцијата за територијални размени „ако добро се исменаџира за да не се рефлектира во другите делови на регионот“. Сенаторот Рон Џонсон неодамна изјави дека –„Претседателот Трамп е заинтересиран за решавање на ситуацијата меѓу Србија и Косово и дека луѓето во двете земји треба да бидат сигурни дека оваа администрација е заинтересирана да помогне, за да се изнајде решение. Претседателот Трамп има малку поинаков пристап кон решавањето на некои прашања, размислувајќи надвор од утврдената рамка. Но, гледаме колку е важен Балканот и колку е важно да се стабилизира“- заклучи Џонсон.

А Балканот е омилено живеалиште на ѓаволот, оти тука што не може лично тој, ние самите го правиме.. Тука глупавите зборови имаат поголемо значење од паметните дела. Доволно е да си ги офарбате со некаков глуп патриотизам, за да имате гладијаторска борба каде што најпрвин гине вистината и нормалното. Тука капка омраза може да уништи море толеранција. Тука готово и да не постои ниеден голем ум кој не бил удрен од балканското лудило, каде што многумина носат маски оти немаат лице. Таквото наше лудило сериозно ги вознемирило најсилните центри на моќ, кои сега се принудени да преземат сѐ што е во нивна моќ за да ја спречат балканската детонација. Германија со европскo знаме силно ја форсира западно-балканската внатрешна интеграција (мини-Шенгенот), но очигледно дека отпорот од државите на регионот е многу силен. Конечно, американците, обично по заморот на европејците, со стап и морков ги убедуваат балканските лидери дека морковот е многу подобар од стапот. Им велат дека нивната меѓусебна интеграција не само што е во полза на економскиот развој, туку е и спас на мирот.

Создавањето на регионална економска или царинска унија би имало повеќекратни позитивни ефекти. Би се отворил пазар со околу дваесетина милиони жители, што видно би ги заживеал: индустријата, трговијата, земјоделството, сточарството, туризмот итн. Исто така во голема мера би се зголемила и странските инвестиции. А над сѐ, народите би се смириле, а со тоа и регионалниот мир и стабилност. И членки на ЕУ меѓу себе се покосиле со десетина милиони жртви, но сега заеднички напредуваат. Затоа САД форсираат пацифизирање и интегрирање на целиот западен балкански регион. Процесот воопшто не е лесен. Западните држави, само по неколку години по војната формираа три организации (за јаглен и челик; за економска заедница; и за атомска енергија) и почна да се интегрираат. А кај нас и после 25 години по војните, секој ден старите раните се чепкаат за да изгледат свежи.

Американците го назначија силниот Метју Палмер за специјален американски претставник за Западен Балкан. Него го нарекуваат „Холбрук на 21 век“ и има тешка задача да ги решава огромните внатрешни проблеми во регионот. Тука првенствено треба да се изнајде решение за односите меѓу Србија и Косово, но и корекција на дејтонскиот статус на Босна. Палмер е српски зет, се пофали шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ, но како на шега истакна дека не очекува многу од него, туку од неговата сопруга. А критичарите велат – се знае што ни прави зетот! Без алтернатива западниот Балкан ќе мора да ги укине границите, за да создаде заеднички пазар, заедничка економска целина, заедничка енергетска политика, заедничка политика во телекомуникациите, транспортот, сите овие попратени со развојот на човековите права, демократијата и владеењето на правото.

Постојниот регионален договор за слободна трговија – ЦЕФТА слабо функционира. Затоа е неопходен поефикасен договор, кој омилено го викаат „Мал-Шенген“. Но, тука може да биде проблем што Србија веќе има договор за слободна трговија со Русија или Евроазиската унија, и тоа може да биде проблем со другите членки кои не се. Но, ако двата договори се усогласат тоа би можело да биде дополнителен стимул и за сите земји од западен Балкан. Постојат мислења дека тоа би го одалечил регионот од ЕУ! Тоа нема основа, оти таквата балканска унија само може да го забрза процесот на интегрирање, оти овие држави ќе ги зајакнат конкурентните способности не само во рамките на заедничкиот пазар, туку и пошироко, што е услов што го бара европскиот пазар.

Ако „мини-Шенген“ се реализира, тоа ќе го намали притисокот од земјите на западен Балкан за брзо зачленување во ЕУ. Брисел е спремен да плати големи пари само да се одложат можните нови приеми во наредните десет години. Оти, факт е дека ЕУ има големи свои проблеми и мнозинството граѓани на ЕУ се против приемот на сиромашни држави во нивниот и така раскаран клуб. Исто така едни членки упорно инсистираат прво да се направат внатрешни реформи во самата ЕУ, а потоа со строги критериуми да се одвиваат новите зачленувања. Оттука, не треба да се противиме ако во иднина ни се понуди вклучување во заедничкиот пазар не ЕУ без членство, оти и Австрија и Финска првин се вклучиле во заедничкиот пазар па потоа стана членки.

Решавањето на проблемите во западниот Балкан штотуку е почнат. Ќе треба години за да се среди. А преговорите за ЕУ очигледно долго ќе траат, а дотогаш треба да користиме што е достапно, Тоа сепак е многу подобро отколку лажното глумење реформи во државите од регионот, и лажното глумење волја за прием нови членки во Брисел. Проширувањето во Брисел се доживува како ептен здодевна песна чиј рефрен е – не умри магаре до зелена трева. Тука многу работа ќе има „малиот Трамп“ за да создаде „мал-Шенген“. Но, тука ни е спасот, пред некој овде да го изгасне светлото како последен жив човек што ќе ја напушти оваа несреќна држава. Западот ни го зеде највиталниот слој од населението како работна сила, оти знае дека тие полесно се интегрираат. А нам ако не ни дојде умот, во некоја иднина тука мнозински народи ќе станат Авганистанци, Индијци, Сиријци, Еритрејци. А ние секогаш знаеме да го загубиме тоа што го имаме, за да го добиеме тоа во што се надеваме! И трпиме, оти не сфаќаме дека среќата не се купува со пари добиени од продавање на душата.