Манчевски и Шкријељ ги претставија електронските услуги на МТСП

Сподели

 

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски и дополнителната заменичка министерка за труд и социјална политика Санела Шкријељ, на денешната прес конференција ги претставија услугите кои во моментов електоронски се нудат на порталот uslugi.gov.mk.

Заменичката министерка Шкријељ се осврна на важноста од дигитализацијата при нудење на услуги, особено во институција како што е МТСП, сервисно ориентирана кон граѓаните.

„Ако времето е најскап ресурс во современото живеење, тогаш заштедата што ја добиваме со користењето на порталот за електронски услуги е исто толку вредна. Вообичаениот минимум од две одења до институции и неколку дена чекање беа потребни за да се добие документ што сега може да се добие од дома.  Откако еднаш корисник ќе се регистрирате на порталот, секогаш понатаму само со неколку клика ќе можете да ги добие потребните документи на меил, кои се важечки исто како документите добиени на шалтер. И при тоа се прескокнуваат сите бирократски чекори, шалтери, редици.  На порталот uslugi.gov.mk. од Министерството за труд и социјална политика може да се добијат 11 потврди, а се работи на воспоставување голем број на други услуги од доменот на МТСП , во областа на социјална и детска заштита , трудово право, пензиско и инвалидско осигурување“, изјави дополнителната заменик министерка за труд и социјална политика Санела Шкријељ.

Министерот Манчевски со практичен пример демонстрираше како за помалку од 5 минути, по електронски пат може да се добие секоја од потврдите кои МТСП во моментов ги нуди на порталот.

 

 

Дополнително, министерот Манчевски најави дека се работи на поврзување на сите потребни системи за да се обезбеди електронски упис на дете во градинка, а од септември ќе биде достапна и можноста на електронски упис во училиште.

„Исто така, МИОА работи на поврзување на сите институции меѓусебно, што ќе значи дека граѓаните нема повеќе да треба да бидат курири на институциите и да доставуваат документи од една во друга институција. Потврдите и сите потребни документи секоја институција ќе може да си ги повлече сама од системот“, информираше министерот.