Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во Тирана учествуваше на завршната сесија на Форумот на граѓанско општество на која рече дека процесот на проширување се промени и дека веќе е реформиран, посочувајќи дека новата методологија го прави процесот по конкретен и со повеќе можности.
– Денес имаме различен пристап во пристапувањето. Можам да кажам дека има големи сериозни промени во последните месеци, особено по ГлобСек форумот можеме да забележиме дека има сериозни, суштински чекори за проширување на ЕУ. И тоа е голема позитивна промена за нас како земји кандидатки, посочи Маричиќ.
Вицепремиерот и главен преговарач со ЕУ, додаде дека во последните месеци политичките пораки се различни и дека „веќе добивме нешто што го баравме и очекувавме долго време“, укажувајќи на изјавата на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, кој 2030 го посочи како возможен датум за идното проширување, за нас како што рече Маричиќ е добредојдено и добро е да го имаме предвид при носењето на одлуки.
– До крајот на мандатот, Европската комисија со поддршка од државите членки на ЕУ треба да ја направи новата Агенда 2030 за проширување, која ќе биде наследство од оваа комисија за следниот состав, што ќе значи шанса до 2030 да станат членки сите кои ќе се спремни за тоа, а истовремено ќе се спречи и забавувањето на процесот, порача Маричиќ.
Во тој контекст вицепремиерот укажа дека сега е вистинско време е да ја забрзаме и да ја завршиме работата до крај, бидејќи има реални позитивни промени за проширување на ЕУ и оваа шанса треба да ја искористи регионот.
– Сега кога напредокот во пристапните преговори е видлив потребна ни е силна регионална соработка. Берлински процес никогаш не бил само економија или признавање на квалификации, секогаш бил продолжение на Договорот за стабилизација и асоцијација и стекнување навика да ги решаваме различните прашања на маса и никогаш не бил замена за членството во ЕУ, посочи Маричиќ.
На панелот со кој заврши Форумот на граѓанското општество – Тирана 2023, соговорници на вицепремиерот беа, Валеска Еш, виш советник на специјален претставник на Федералната влада за земјите од Западен Балкан, Федерално Министерство за надворешни работи, Лиза Гаши, заменик министер за надворешни работи и дијаспора, Хедвиг Морваи, програмски директор, Фондација ЕРСТЕ, Александар Сиемашко, заменик-директор во Министерството за развој и технологија, Марта Шпала, виш соработник, Центар за источни студии, Ардијан Хакај, истражувачки директор и координатор на форумот за поврзување во Тирана, Институт за соработка и развој, а главен говорник беше Михаел Рот, претседател на Комисијата за надворешни работи на Бундестагот.
Форумот за граѓанско општество и тинк тенк 2023, кој се одржа на 14-ти и 15-ти октомври во Тирана, беше организиран од Фондацијата Отворено општество – Западен Балкан, која работи под мандат на Владата на Албанија, која во моментов претседава со Берлинскиот процес.