Меџити: Правда за Кочани, Беса Транс, Тетовската болница, Ласкарци

Сподели

Првиот вицепремиер, Изет Меџити, вети дека ќе има правда не само за трагедијата со пожарот во Кочани, каде што загинаа 59 лица, а над 100 беа повредени, туку и за другите тешки случаи што ја потресоа земјата, како несреќата со „Беса Транс“, пожарот во модуларната болница во Тетово и трагичната несреќа во Ласкарци. Тој нагласи дека Северна Македонија доживеала многу трагедии со тешки последици, но правдата недостасувала, а државата повеќе нема да седи со скрстени раце.

„Додека се молиме за преживеаните и се подготвуваме да ги испратиме трагично загинатите на 16 март, како Влада ветуваме дека горчливата лекција од Кочани е научена, пораката е примена: државата нема да седи со вкрстени раце и нема да дозволи правдата да заталка и да се девалвира низ институционалните лавиринти изградени да ги штитат токму недопирливите!“, напиша Меџити.

Тој истакна дека Владата ќе работи на тоа правдата да не остане само концепт заробен од мафијата и ендемската корупција.

„Нашата борба за подобра Македонија ќе има смисла само тогаш кога оние кон кои системот бил неправеден ќе почувствуваат дека правдата, сепак, не е заробена од мафијата која ја контролира државата, како што за жал тоа било случај со години наназад, и дека нивните повици за правда ќе наидат на одговори и реакција.“

Според Меџити, трагедијата во Кочани треба да биде потсетник за институциите дека не смеат да дозволат повторување на вакви несреќи.

„Кочани е нашата совест која што повикува на дејствување. Кочани е нашиот непребол кој налага реакција. Кочани е катарза на скапаниот систем и ендемската корупција вкоренети длабоко низ институциите кои што ги уништуваат човечките животи.“

Тој ги увери граѓаните дека државата ќе преземе мерки и ќе има одговорност за сите случаи во кои животите на граѓаните биле загрозени поради негрижа и корупција.

„Но, државата ќе дејствува! Одговорност ќе има! Правда ќе има: за Кочани, за ‘Беса Транс’, за Тетовската болница, за Ласкарци, за сите трагедии предизвикани од корупција и неказнивост, а чии што последици се човечки животи!“