МЕДИОКРИТЕТСКА ЗЕМЈА – Александар Литовски

Сподели

Александар Литовски

 

Ние сме претворени во медиокритетска земја. Тука владеат медиокритетите. Тука медиокритетите се славни и значајни. Тука медиокритетите ги диктираат обичаите, чувствата, уверувањата, начинот на мислење… Тука медиокритетите го наметнаа кичот како врвна културна креација и започнаа да проповедаат и практикуваат естетски езуитизам со кој единствена цел на уметноста, во било која форма, е да биде пропагандистичко средство за достигнување на вечна власт од портокаловите криминалци

litovski foto

Ние сме претворени во медиокритетска земја. Тука владеат медиокритетите. Тука медиокритетите се славни и значајни. Тука медиокритетите ги диктираат обичаите, чувствата, уверувањата, начинот на мислење… Тука медиокритетите го наметнаа кичот како врвна културна креација и започнаа да проповедаат и практикуваат естетски езуитизам со кој единствена цел на уметноста, во било која форма, е да биде пропагандистичко средство за достигнување на вечна власт од портокаловите криминалци.

А, се знае, кичот е невистина! Тој е замена на вистинските вредности, систем на репродуцирање на стварноста, во кој таа стварност добива неавтентична и гротескна рефлексија. Затоа, лажната националистичката грандоманија, лажните врховистички херои, лажниот мермер кој го „разубавува“ минатото и претенциозните позлатени фасади станаа врвни идеали на македонската „убавина“. Всушност, зад кулисите, зад маските, зад наместената сценографија, зад дречливо обоените фасади, зад светкавата, но лажна слика на минатото и стварноста, стои само големо медиокритетство и остварувањето на баснословни профити!

Страшното за нас како нација и држава е тоа што култот кон просечноста произведе перверзно уживање во сопствената лажна слика. Кичот на медиокритетите се негува денес во Македонија како најскапоцена билка. Затоа портокаловите медиокритети потрошија огромни пари и, преку лудиот проект „Скопје 2014“, ја изградија својата „престолнина на кичот“. Секое посегнување по „убавината“ на овој кич, медиокритетите, кои се само една збирштина на општествено целосно ненужни бадијалџии, го сфаќаат како сквернавење и рушење на „националните вредности“. Гледањето на сопствениот „кич“ како „врвна уметност“, на нашите медиокритети им е единствено средство за уживање во светот. Пасивното долготрајно и „длабокоумно размислување“ за „убавините“ изградени во време на портокаловата „преродба“ во „библиска“ Македонија, од страна на тие луѓе е една од причините зошто Македонија заостанува и не се движи нанапред во сите сегменти од животот.

Политиканскиот кич кој се гради, протежира и презентира со државни пари, како свој примордијален метод го има одбирањето на „убавото“ по шаблонот на националношовинистичкиот идеал. Преку таквата шаблонизирана „уметничка слобода во творењето“, политичкиот кич прави едно увредливо поедноставување на минатото и реалноста, прави едно сведување на сета сложеност и комплексност на појавите само на неколку симболи. „Логиката“ на таа „уметност“ оди по линија на едноставни, еднострани и разголени судови кои недозволуваат ни најмала девијација на „замислената и презентираната“ кичерска слика, па така споменикот е секогаш грандиозен, фасадата е секогаш „барокна“, небото е секогаш бистро сино, непријателот секогаш е злобен и виновен, Господ е секогаш праведен…

Таа „убавина“ на тривијалноста не стои во однос ниту на некакво одредено време, ниту на некаков простор, туку тоа е внатрешна шизофрена и декадентна „убавина“ на портокалевите медиокритети. Тоа тривијално гледање на „современата македонска уметност“ нема своја сопствена физиономија, туку „убавината“ се сведува на едно кафеанско полупијано националистичко гледање на сликите, зградите, лицата, спомениците… И, затоа сиот тој портокалов комплекс на згради и споменици, литературни дела и слики, музеи и театри остана во неверојатно голема диспропорција со околината, со стварноста и со здравиот разум воопшто. И ќе биде една неприродна и грда лузна во македонскиот материјален и духовен простор, ако преживее по падот на власта која го изгради.