Специјалното јавно обвинителство прави политички и медиумски циркус,изјави во понеделникот претставничката на ВМРО-ДПМНЕ во Државната изборна комисија (ДИК), Силвана Бонева, по излегувањето од зградата на СЈО. Бонева алудираше на новинарските екипи што ја чекаа, а кои, според нејзиното толкување, биле повикани од СЈО заради медиумско-политички циркус.
„Телевизиски екипи се постојано пред канцелариите на Лаура Кодрута Ковеси (шефицата на романскиот национален директорат за антикорупција), подготвени да пренесуваат во живо од следните епизоди за тоа што најмногу се зборува во Романија, за коруптивниот бизнис во земјата и политичката елита, најстрашната драма за овие 25 години“. Вака почнува текстот на „Њујорк тајмс“ за Ковеси и за нејзината работа, од ноември 2014 година.
На истата тема лондонски „Гардијан“ лани во ноември пишуваше дека влезот на централната канцеларија на ДНА (скратеница од Национален директорат за антикорупција) во Букурешт постојано е под опсада од новинарско-телевизиски екипи, кои чекаат да видат кој следен ќе се појави на распит.
Ова не е ништо невообичаено, пишува шведскиот весник „Експресен“.
„Јас седам овде со години. Некои од нас се овде цело време. Можеби би требало да ја преместиме целата телевизија овде. Корупцијата е постојана тема на вестите во Романија. Кој ќе биде обвинет и што ќе каже во своја одбрана? Никој не знае кога ќе заврши ова. Може ќе трае вечно“, вели за „Експресен“, репортерот на романската телевизија „Про ТВ“, Овидиу Оанта.
Во фоајето на зградата на ДНА има посебен простор за новинарите и за снимателите, од каде фаќаат кадри од осомничените како влегуваат во просториите за истраги.
Романската обвинителка Лаура Кодрута Ковеси минатата година беше на гости во Скопје и учестуваше на конференција организирана од невладината организација Македонски центар за меѓународна соработка (МЦМС). Таа и Националниот директорат за антикорупција со кој раководи беа претставени како пандан и инспиративен пример за Катица Јанева и за Специјалното јавно обвинителство.
Ковеси со ДНА раководи од 2006 година. И таа во Романија, како и Јанева и СЈО кај нас, и тогаш и сега се соочува со напади и со изјави од лицата што се предмет на нејзините истраги од типот дека води политички монтирани истраги, дека методите на работа ѝ се „сталинистички“ и дека нејзината работа не се разликува од таа на Секуритате (озлогласената романска тајна служба од времето на диктаторот Николае Чаушеску, н.з.).
ДНА во моментов има околу 120 обвинители, кои работат на 6.000 случаи. Досега, во 90 отсто од судски процесуираните случаи обвинетите добиле затворски казни, а меѓу нив се десетици министри, премиери, градоначалници и бизнисмени.