Меѓународен ден на елиминирање на насилството врз жените

Сподели

 

 

Денеска, кога го одбележуваме Меѓународниот ден на елиминирање на насилството врз жените,  треба да се потсетиме дека секоја трета жена во светот искусила некаква форма на насилство, а според податоците на Обединетите нации, семејното насилство е убиец број еден на жените.  Наместо жената да биде и да се чувствува безбедна во домот, понекогаш најголемата опасност за неа доаѓа токму оттаму.

Во нашата земја, само во првите 9 месеци од 2019 година, пријавени се 709 кривични дела од областа на семејното насилство, од кои, 610 биле  жени жртви [1]. Може да заклучиме дека семејното насилство и насилството врз жени несразмерно повеќе ги погодува жените, токму поради тоа што се жени.

Земајќи предвид дека истражувањето на ОБСЕ покажува дека „само 2% од жените кои доживеале насилство од сегашен партнер, го пријавиле во полиција “ 2 зборува дека бројката на жени кои трпат насилство е многу повисока од официјалните статистики.  Исто така, загрижувачки е трендот на прифаќање на насилството во земјата. Истражувањето на ОБСЕ открива дека  “три од пет (60%) жени сметаат дека насилството врз жените е вообичаено, а речиси три од десет сметаат дека тоа е многу честа појава.“ За да се победат овие поразителни бројки, мора да работат заеднички сите актери во општеството: институциите, граѓанските организации, медиумите како и секој граѓанин.  Насилството врз жени не е приватна работа, тоа  е општествена појава која треба да се искорени.

За поздрав е иницијативата за подготовка на нов Закон против насилство врз жени и семејно насилство кој ги следи одредбите на Истанбулската конвенција, а кој беше изготвен во процес на консултација со граѓанскиот сектор. Новиот нацрт – Закон препознава и санкционира и нови форми на насилство врз жени, дефинирани во Истанбулската конвенција.  Но, потребно е негово побрзо усвојување, за да се започне со обезбедување сеопфатни сервиси до жртвите.

Насилството врз жените и семејното насилство ја ограничува жената да учествува во економскиот и општествениот живот, предизвикува депресија, чувство на немоќ и безизлезност, а претставува и грубо кршење на нејзините основни човекови права. Оттаму, сите треба да дејствуваме заедно за да се искорени оваа деструктивна појава во нашето општество.