Разлутена група граѓани во Мексико на клада запали двајца мажи осомничени за криумчарење деца, пренесува Anadolu Agency (AA).
Полициски претставници соопштија дека настанот се случил во местото Акатлан, во сојузната мексиканска држава Пуебла.
Поради основано сомнение дека вршеле киднапирање на деца, полицијата привела двајца мажи на возраст од 53 и 21 година.
Во соопштението се наведува дека група од најмалку 150 граѓани насилно влегла во полициската станица и ги грабнала осомничените.
Истите извори јавуваат дека мештаните потоа ги полиле со бензин, а потоа и ги запалиле двајцата осомничени за повеќекратно киднапирање деца.
Истрагата за случајот е во тек, а дисциплинска постапка е подигната против челниците на локалната полициска станица кои не ја почитувале задолжителната процедура и не го спречиле инцидентот.