Еден весник во Мексико соопшти дека ќе престане со работа, поради тоа што новинарите не се безбедни, јавува Anadolu Agency (AA).
Оскар Канту, претставник на весникот „Норте“ којшто се објавува во градот Хуарес, во северниот дел на Мексико, близу границата со САД, ја објави оваа одлука на насловната страница на весникот.
Канту во својот напис насловен „Збогум“ вели дека одлучиле да го затворат весникот поради тоа што во државата владее небезбедна атмосфера за новинарите, како и поради тоа што убиствата остануваат неказнети.
„Сѐ во животот има почеток и крај, има цена што треба да се плати. Ако цената е животот, јас не сум подготвен да ја платам, како и моите колеги“, истакна Канту.
Мирослава Брич, 54-годишна новинарка, на 23 март беше застрелана 8 пати со оружје, убиена во регионот Чивава, во северниот дел на државата, а новинарот Рикардо Монлуи на 19 март бил застрелан двапати и убиен по излегувањето од еден ресторан каде што бил со своето семејство. Исто така, и слободниот новинар Сесилио Пинеда Бирто беше убиен на 2 март, во регионот Гереро.
Комитетот за заштита на новинарите, со седиште во САД, соопшти дека од 1992 година до денес, 38 новинари се убиени во Мексико поради вршење новинарска дејност. Исто така, комитетот вели дека 50 новинари се убиени од сѐ уште непознати причини.