По одличниот прием во Музејот на современа уметност (МОМА) во Њујорк, македонскиот игран филм МЕМЕНТО на 11 октомври, среда, ќе биде прикажан и во Филмотека Еспањола – шпанската кинотека во Мадрид.
Денска, во чест на националниот празник 11 Октомври, Кинотеката на РС Македонија ќе го прикажува МЕМЕНТО бесплатно, на својот официјален „Јутјуб“ канал (https://youtu.be/LXbtrhh-IY0).
Веќе можеме да кажеме дека МЕМЕНТО прераснува во филмска класика, дел од светското кинематогрaфско наследство, бидејќи за помалку од година дена имаше повеќе од 5 проекции на различни локации и континенти. Само минатиот месец беше прикажан како дел од програмата на МОМА посветена на југословенскиот црн бран, а беше дел и од европскиот проект „Сезона на филмски класици“, кој пак, четврта година по ред, ја вбројува нашата Кинотека во друштвото на европските кинотеки кои имаат за цел да го промовираат и популаризираат филмското архивско богатство на Европа.
За македонската публика, дигитализираната верзија на филмот МЕМЕНТО на 26 јули оваа година имаше своевидна домашна „премиера“, а истиот ден имаше и онлајн проекција – „стриминг“ кој одеше истовремено и на официјалната интернет страница на Кинотеката, и на социјалните мрежи „Фејсбук“, „Инстаграм“ и „Јутјуб“, изјавија од Кинотека.
Во очекување е и премиерното телевизиско прикажување на МЕМЕНТО на “Арте” каналот – европскиот ТВ-канал за култура, што ќе се случи некаде во првата половина на 2024 година. Во моментов се работи на дигитална реставрација на филмот и токму гледачите на “Арте” ќе имаат чест премиерно да го погледнат ” освежениот” и реставриран МЕМЕНТО.
МЕМЕНТО е втор игран филм на Димитрие Османли снимен во 1967 година, и ја раскажува приказна за Јана – која низ разговори и реминисценција со германскиот диригент Вили Милер – се присеќава на своето минато и семејната трагедија која ја доживеала во катастрофалниот земјотрес во Скопје.