Општите препораки кои произлегуваат од состојбите за разните области остануваат во фиоките на Собранието, кое не сака или е доведено во ситуација да не може да врши контрола врз извршната власт, вели Народниот правобранител Иџет Мемети во неделното интервју за „Радио Слободна Европа“.
-Општите препораки кои произлегуваат од состојбите за разните области остануваат во фиоките на Собранието. Затоа што законодавната власт или не сака или е доведена во таква состојба да не може да врши контрола над извршната власт, а препораките на Омбудсманот се во таа насока, односно тие се алатка во рацете на законодавната власт да ја контролира извршната и да ги подобри состојбите, било во насока на носење на закони или во насока на спроведување на истите. За жал, моите препораки не се примаат, немаат разрешница, немаат ефект. Зборувам за општите препораки. Кај нас сè е исполитизирано. Кај нас граѓаните не ги штити процедура и систем. Може да ги штити само познавања, односно сè што е надвор од тоа што значи правила на однесување. Затоа посакувам што побрзо да заврши оваа состојба – вели Мемети.
Според Народниот правобранител, во ситуација кога две години имаме политичка криза, страдаат правата на граѓаните затоа што има нефункционални институции и недоволна одговорност.