Народниот правобранител Иџет Мемети констатира дека судиите на претходна постапка, Весна Димишкова и Ненад Савевски, ја злоупотребиле мерката притвор и ја употребиле како казна за пратениците осомничени за Крвавиот четврток што се случи на 27. април во Собранието.
Повредено е правото на пратенички имунитет и начелото презумција на невиност, поради непочитување на одредбите од страна на полицијата, информираше народниот правобранител, Иџет Мемети.
-Се работи за прекршување на членот 19. од Правилникот за вршење на полициски работи во кој се вели дека доколку лицето покаже статус со кој му се дава имунитет, не смее да биде приведено, утврдил Мемети.
Тој доставил препорака до министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, во која бара да се спроведе целосна постапка за испитување на начинот на постапување на полициските службеници.
Народниот правобранител се обратил до МВР од каде побарал објаснувања, информации и докази за постапувањето на полицијата при приведување на пратениците.