Меркел: Мора да дејствуваме за да ги спречиме земјите да ја напуштат ЕУ

Сподели

Angela-Merkel

Германската канцеларка Ангела Меркел денеска на извршниот комитет на нејзината конзервативна партија, Христијанско-демократската унија (ЦДУ), соопшти дека треба да се преземат мерки што ќе ги спречат другите членки на Европската Унија, по Велика Британија, да ја напуштат заедницата, јавува денеска „Раша тудеј“.

Меркел, исто така, се задржа и на несигурноста на пазарот, која настана по референдумот на Велика Британија за напуштање на ЕУ. Таа рече дека постои загриженост на меѓународните финансиски пазари дека Брексит е знак оти ЕУ повеќе нема сигурна власт.

Канцеларката, наводно, рекла дека сега не е време за продлабочување на соработката меѓу земјите членки, туку за фокусирање на актуелните проблеми со кои се соочува унијата, како што се безбедноста на границите, меѓународната безбедност и создавањето нови работни места во Германија.

Според портпаролот на Меркел, Британија ја нема напуштено ЕУ сè додека не го активира членот 50 од Лисабонскиот договор, со кој се утврдува како една членка може да ја напушти Унијата.

– Ако на британската влада ѝ е потребен разумен временски рок за да го направи тоа, ние ќе го почитуваме тоа. Едно е јасно: пред Британија да го поднесе барањето, нема да има неформални прелиминарни разговори за модалитетите на заминување – рече портпаролот Штефан Зајберт на прес-конференција.