Не случајно се вели – каде и да се случи неправдата, таа е опасност за секаде, и дека неправдата кон некого е закана за секого.
Откако во Албанија, СПАК (Специјална структура против корупција и организиран криминал), пред неколку месеци побара апсење на вицепремиерот кој беше истовремено и министер за финансии Арбен Ахметај, стравот до коски влезе во целата државна пирамида. Дојде и такво време, специјалното обвинителство СПАК да го истражува најмоќниот албански политичар во овие 32 години – Сали Бериша и неговото семејство. Сега стравот им е влезен во сржта на највисоките државни функционери. Конечно некои да сфаќаат дека ако сте ја убиле правдата, наскоро таа ќе дојде да ве убие вас!
СПАК дури се нафати да го гони и блискиот соработник на премиерот Рама – Доријан Дуцка во врска со скандалот „Мек Гонигал“. Во исто време, бројни сегашни и минати функционери се под истрага, меѓу кои и поранешниот претседател на државата Илир Мета и неговата сопруга Моника Криемади. Тие меѓу повеќе дела се истражуваат и за случајот „Лобирање“, а податоците од САД и Кипар веќе се кај СПАК. Се мисли дека Илир Мета е во бегство.
Истраги се спроведуваат и во општина Тирана, за работи со голема криминална тежина, каде што еден олигарх поткупил повеќе јавни функционери и ги вмешал во организиран криминал. Обвинителството СПАК го спрема нивното апсење и експресно секуестрирање на нивниот имот. Сега стравот е влезен кај многумина, бидејќи гледаат дека ако си крадел лесно завршуваш во затвор, а имотот ќе ти биде одземен по брза постапка. Познатиот експерт Ервин Карамучо, за телевизијата „Топ Чанел“, изјави дека во Албанија дефинитивно нема веќе недопирливи.
Обвиненијата и обвинувањата против политичарите и функционерите веќе не се театар или некаков трик на најсилните за изнуда и рекет, туку сериозна секојдневна работа на две клучни институции на новата албанска правда: СПАК и Специјалниот суд. Сега неколку министри, заменици министри и високи функционери на актуелната влада на Еди Рама, или се под истрага, или обвинети, или осудени. Тоа е бура која не познава никакви табуа. Во оваа силна казнена ескалација, истрагата против поранешниот премиер Бериша за аферата со приватизација на поранешниот клуб „Партизани“, претставува највисок степен на истраги од ваков карактер досега.
СПАК ја разреши министерката Џачка!
Еди Рама од говорница, на масовен партиски собир ги објави имињата на министрите и министерките што ги разрешува, без претходно да ги информира! Разрешените биле фатени од камери, со отворена уста! Ниту сонувале за такво нешто. Меѓу разрешените била и министерката за европски прашања и надворешни работи – Олта Џачка. Камерата ја фати целосно изначудена од тоа што го слушаше од говорницата! Во меѓувреме, СПАК ја објави одлуката за одземање на околу 6.000 м2 земјиште во Химаре на „стратешкиот инвеститор“ Артан Гачи, кој е сопруг на веќе разрешената министерка Олта Џачка, истовремено со отворање истрага за фалсификување на актот за стекнување сопственост над земјиштето, со цел да се прогласи за „стратешки инвеститор“.
СПАК исто така го заплени имотот на бизнисменот Пелумб Ѓока, кој сега е зад решетки во врска со предметот „Метаморфоза“. Во соопштението на СПАК се спомнуваат низа имоти, кои во месноста Пулај-Плаж, во Велипоје, припаѓаат на други лица, а кои се ставени на негово име преку фалсификување документи извршени од Ѓока, во соработка со луѓе од власта.
СПАК – американски проект!
Пред две години, американскиот Стејт департмент уште еднаш нагласи дека корупцијата и организираниот криминал на Балканот ги загрозуваат националните интереси на САД. Тој сигнал навреме бил разбран во Албанија. Сега, истрагата и казнувањето на сегашни и поранешни функционери кои извршиле казнени дела е импресивна мисија на новата правда во Албанија, и се чини дека никој не може да биде над неа. Долги години во Албанија беше воспоставен константен систем на неказнивост на високите нивоа на оние што ја практикувале власта, а тоа ги загрозуваше целокупните државни, но и американски национални интереси во регионот. Се чини дека Албанија сега е тест, за тоа како да се постапи утре во целиот балкански регион, каде што во одделни регионални држави криминалот отворено раководи со државата.
Бесниот Бериша сака револуција!
Експертот за безбедност Илир Кула во една емисија изјави дека митот за неповредливост на високите луѓе од власта во Албанија веќе е завршен. Реформите во правдата со нови институции се дизајнирани така, за да ја погодат политичката елита, особено тие кои се сметаа за недопирливи. Историски гледано, специјалните судови рушеа моќни политички елити вклучени во корупција и слични незаконски дела. Ама бесниот Бериша сака тој самиот да го води судењето, каде сака, како сака, и кога сака. Затоа, тој наместо да се појави пред судот, тој избра прес-конференции од салата на неговата партија кои ги претвори во судница, а самиот како обвинител, додека тие со испран мозок што го опкружуваат ги смета за судии. Не сфаќа дека неговите адвокати треба да го штитат од некоја неправда, а не од новинари. Залудно Бериша се надева дека ќе го избегне кривичното судење и ќе си направи свој народен процес против правдата.
Тој како да не знае колку ова ќе го чини. Се очекува против него да се отворат уште неколку тешки кривични афери. Засега тој е обвинет за една таканаречена „пасивна корупција“, каде што неговиот зет Јамарбер Малтези наводно присвоил 5,4 милиони евра како мито. Според СПАК, Малтези бил награден за реализирање на едно окрупнување на едно земјиште од повеќе сопственици со помош на неговиот дедо – премиерот Бериша, кој ја ставил својата влада во функција на „помагање“, менувајќи два закони и 8 подзаконски акти за да се оствари таа цел. Овде криминалот ти бил видлив колку што блицот на фото-камерата ноќе. Стандардно, јавноста секогаш покажувала мудрост и објективност во однос на судењата. Јавноста ги препознава и лесно ги игнорира евентуалните обиди на обвинителот да направи „краток спој“ меѓу законот и делото. Јавноста сака да види каде е конкретното кривично дело, каде е злоупотребата, каде е кражбата, каде е перењето пари, односно каде е прекршувањето кое е дефинирано како кривично дело врз основа на определбите во Кривичниот законик. За сите овие работи, вистинското и единствено место е судот. Другите опции наликуваат на занесување на будала што сака да скока во празен базен.
Но, Бериша избра самиот да си ја тера правдата. Со новинари и медиуми, наместо на суд, криејќи се зад одредбите за пратенички имунитет. Со тоа тој противречи на она што го зборуваше додека беше власт – дека правдата треба да се бара на суд. Во негово време, многу невини станаа виновни, и многу виновни биле праведни. Но, времето сепак е вистинскиот судија. Бериша сега пробува да го избегне институционалното судење за да направи народно-улично судење. Тој цело време го обвинува Еди Рама. Како да не сфаќа дека никој не може да гарантира дека утре и самиот Еди Рама можно е да седне на таа црна клупа. Лидерот на СПАК Алтин Думани вели – „Не ме интересираат имињата на луѓето, туку доказите“! Но, засега Рама е во предност, бидејќи воопшто не ја попречува правдата.
Каде е Северна Македонија?
Таа е на најниско ниво на правдата и на највисоките нивоа на нејзиното кршење! Државата и судовите застаруваа безброј кривични дела, газејќи по луѓе, имоти, морал и логика на правото. Бројни големи криминалци овде веќе не можат слободно да се движат низ улица, оти популарноста не им дава. Опозицијата грлато завива за правда, а забораваат дека нивната „Бела палата“ е изградена од црни пари! Одовде веќе бега целата младина. Таа бега поради лажен етнички патриотизам што служи како магла за покривање на запрепастувачки криминали. Овде сè е заробено – правдата, државата, институциите, мерит-вредностите, знаењето, моралот… а криминалот, корупцијата, непотизмот, партизацијата што фаворизира неписмени и сите други лошотии остана тука на дофат. А опозицијата како некој лудак што цело време по пат вика „бугарскиот диктат“, изгледа дека нема визија за ништо друго. Добрите меѓународни познавачи велат дека и ние тука наскоро ќе видиме некој наш СПАК, дека чудо од работи ќе излезат на површина.