Последните мигрантите ги спакуваа своите шатори и заминаа од северниот дел на Грција по неуспешните напори во изминативе неколку денови да ги пробијат полициските линии и да се упатат кон границата со Северна Македонија.
Мигрантите во изминативе денови се судираа со полицијата, бидејќи поверувале на лажните вести на социјалните медиуми дека патот кон Европа бил повторно отворен за мигранти и оти автобуси на невладини организации ги чекаат на другата страна на границата со Северна Македонија.
Конвоите луѓе на патот до границата беа пресретнати од полицијата која користеше солзавец за да ги растера.
Десетици илјади бегалци и мигранти, главно од Сирија, Ирак и Авганистан, остануваат заглавени во Грција откако балканските држави ги затворија нивните граници во 2016 година.