Милошоски: Бараме од МНР увид во списите за предлогот за името

Сподели

Собраниската комисија за надворешни работи денеска од МНР побарала списи за предлогот за решение на спорот за името што во саботата официјално го соопшти премиерот Зоран Заев, Република Илинденска Македонија, соопшти претседателот на Комисијата, Антонијо Милошоски.

-Многу е тешко да се изгради став кога немаме предлог и затоа сакаме како Комисија за надворешна политика да побараме од министерот за надворешни работи да ги достави списите на кои се базира овој можен предлог за да можеме да заземе став како пратеници и како Комисија за надворешна политика – рече Милошоски.

Тој додаде дека се надева дека министерот Никола Димитров ќе ги испочитува пратениците.

-Сите имаат сертификат за државна тајна, сите имаат одговорност кон државата како и тој -рече Милошоски, додавајќи дека пратениците се подготвени документите да ги разгледаат на затворена седница доколку министерот за надворешни работи Димитров одговори позитивно на нивното барање.

Самиот тој смета дека има контроверзии за овој предлог затоа што за него има различни ставови.

-Ставот на премиерот Заев беше дека идентитетските прашања остануваат непроменети, како што се сега во ОН, додека вчера во едно интервју министерот за надворешни работи Димитров за јазикот кажа дека ќе биде македонски без превод, и гледаме дека или нема усогласеност или дека некој знае повеќе или дека нешто се крие од јавноста и затоа ценам дека е добро да имаме писмен предлог – додаде Милошоски.