Министерот Љутков упати телеграма со сочувство по повод смртта на Снежана Стамеска

Сподели

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, упати телеграма со сочувство по повод смртта на актерката Снежана Стамеска.

Длабоко ме трогна веста дека засекогаш од животната сцена замина Снежана Стамеска, врвна актерка, една од најзначајните во македонскиот театар. Беше една од водечките актерки на македонското глумиште и првенка на Драмски театар Скопје, каде што создаде бесцената историја. Преку својата активна театарска работа, Стамеска зад себе остави вредно културно наследство кое е дел од богатството и уметничкото шаренило на македонската култура. Нејзиниот придонес во македонската култура и безвременските улоги остануваат како патоказ за младите генерации актери кои можеа да сведочат за исклучителна посветеност на актерската професија.

Ја имав честа како млад актер да соработувам и да учам од неа! Вечна светлина на нејзиното име и дело!“, наведе министерот Љутков во телеграмата упатена до семејството на Стамеска и до Драмскиот театар.

Стамеска беше првенка на Драмскиот театар Скопје и една од доајените на македонското глумиште. Дипломирала на Театарската академија во Белград во 1970 година и од нејзиното вработување во 1971 до пензионирањето во 2010 г., Стамеска беше член на ансамблот на Драмскиот театар Скопје. Низ исклучително плодната актерска кариера одиграла над седумдесет улоги во матичниот театар и на сцените на неколку други македонски театарски куќи. Таа реализираше многу значајни телевизиски и филмски улоги. Исклучителната популарност Снежана Стамеска ја стекна во осумдесеттите и во деведесеттите години кога публиката ја засака во улогите на Пандора во „Солунски патрдии“ (1979), Вера во „Диво месо“ (1979), Сина во телевизиската серија „Трст виа Скопје“ (1987), Вера во „Среќна Нова ’49“ (1985) и Паца во „Викенд на мртовци“ (1985).