Министерството за правда вчера го објави предлог-законот за референдум на Единствен национален електронски регистар на прописи на Република Македонија (ЕНЕР), а денеска го повлече, откако медиумите почнаа да објавуваат дека не се предвидува јавна расправа и беше поставен многу краток рок – до крајот на месецот.
Попладнево Министерството за правда соопшти дека со решението што беше објавено „не се менувале суштината на Законот за референдум, туку се вршело усогласување на термини со други закони“, како Изборниот законик и се напуштале одредени застарени решенија. Новиот предлог-закон исто така имал за цел да се изврши усогласување со Законот за судовите.
„Во прилог на наведеното нагласуваме дека со предложените измени во Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните се врши уредување на прашања кои се од значење за практичното спроведување на законот и техничко доуредување на текстот на истиот“, се вели во соопштението од Министерство за правда.
Оттаму не прецизираа кога ќе биде објавена поправената верзија на предлог-законот за референдум.