Во организација на Клиниката за хематологија и во соработка со Здружението за Хематологија и Институтот за имунологија и хумана генетика при УКИМ „Медицински факултет“ – Скопје, со поддршка на Министерството за здравство на Република Северна Македонија, на 12 и 13 април 2019 година се одржи првата работилница за трансплантација на коскена срцевина во Република Северна Македониjа, со наслов „Идни прерспективи и предизвици“.
На работилницата се одбележа почетокот на кампањата, насловена „Be Someone Marrow“ или „Биди срцевина, биди херој“, која ја спроведува Клиниката за хематологија, во соработка со Институтот за имунологија и хумана генетика при УКИМ „Медицински факултет“ – Скопје и Министерството за здравство.
Целта на оваа кампања е да се подигне свеста за хуманост, промовирање на солидарноста и засилување на можноста донаторите да се запишат во националниот дарителски регистар. Дарувајќи коскена срцевина, секој да може да спаси човечки живот.
„Трансплантација на коскена срцевина, како тераписка метода за пациентите со малигни хематопоетски заболувања, беше воведена во земјава во 2000 година, а до денеска се реализирани повеќе од 500 интервенции, од кои 57 во 2018 година, а во првото тримесечје од 2019 година извршени се 20 трансплантации за коскена срцевина. Минатата година ќе остане забележана во историјата на Клиниката за хематологија како година во која за првпат се воведе, и оттогаш успешно ја спроведува најсложената и најсофистицираната тераписка процедура во современата медицина, несродната трансплантација на коскена срцевина“, изјави министерот Венко Филипче.
https://www.facebook.com/zdravstvomk/videos/284988892402657/
Бидете дарител на матични клетки. Донирај срцевина и подарете живот“, порачуваат Филип и Ристе, пациенти на кои успешно им е направена трансплантација од несроден донор. Заедно можеме да помогнеме болните повторно да бидат здрави.
Подари коскена срцевина и зачлени се во дарителскиот регистар на коскена срцевина на Република Северна Македонија.
Биди срцевина, биди херој!