Доктор специјалист и тројца специјализанти од Геронтолошкиот завод го злоупотребиле системот „Мој Термин“. Во еден ден издале 15 лажни упати и специјалистички извештаи за немоќни лица, две недели пред изборите во декември. Упат се креирал за само две минути, време во кое практично е невозможно да се прегледа еден пацинет. Ова за Телма го тврдат извори од геронтолошки завод, а деталите доаѓаат 7 месеци откако медиумите информираа дека полицијата отворила истрага за лажни потврди по анонимна дојава.
Од Министертвото за здравство не информираа само дека формирале стручна комисија за надзор на работата на заводот, но не откриваат дали нејзина задача е да ги испита сомнежите за издавање лажни упати пред изборите. Директорката на геронтолошки, Ленче Неловска потврди дека установата е под стручен надзор, но одби да каже што и било побарано на увид.
„Точно е дека е формирана Комисија за стручен надзор. Дојдоа тука и документите што ги побараа им беа дадени на увид. Чекаме комисијата да се произнесе. Не е коректно да се зборува било што пред да го добиеме извештајот од стручниот надзор“, рече Неловска.
Телма неколку дена пред изборите објави дека вработени здрави лица добиле уверенија за неподвижни со цел да гласаат ден претходно како болни. Кога биле проверени домовите на двајца неподвижни гласачи истражителите дознале дека една жена работи во скопска гимназија, а другиот во прехранбена фабрика.
Иако ДИК и општинската комисија ги прифатиле нивните уверенија за гласање од дома како неподвижни или со тешкотии во движење, и двајцата пациенти не биле дома. Директорката на Геронтолошки тогаш ги демантираше информациите, а од МВР соопштија дека вакви пријави имаат и за повеќе општини. Една од нив беше Ѓорче Петров.
Извор: Телма