Близу еден милион евра потрошила претходната влада за набавка на два лед монитора, соопшти денеска пред новинарите и пред јавноста директорот на Службата за општи и заеднички работи, Пеце Мирчески.
„-Oд постојната документација увидено е дека првиот од овие два нерационални договори е направен во 2015 година, и се однесува на набавка на лед екран за надворешна употреба на објект во изградба Факултет за драмски уметности. За оваа набавка на поранешната Влада, граѓаните на Република Македонија платиле 340 илјади евра. Вториот договор е склучен во 2016 година за сума која е уште поголема. Овој договор за набавка на лед екран за надворешна употреба, кој е поставен на палата АСНОМ, е во висина од уште поневеројатни 650 илјади евра. Симптоматично е што, овие исклучително нерационални набавки, платени со пари на граѓаните, ги направила една иста компанија. И во двата случаи фактурите се платени само еден ден по нивната испорака. Во насока на принципите за кои се залага Владата на Република Македонија, како и во име на целта да се обезбеди темелна, целосна и навремена отчетност и транспарентност пред граѓаните – на новинарите им е доставена и целокупната документација за јавноста да се стекне со директен увид во ирационалната набавка на претходната власт“, изјави Мирчески.
Прашуваме уште еднаш: Во услови кога Македонија била во севкупна економска и социјална криза, која била потребата некој да набавува лед екрани за близу еден милион евра?, праша Мирчески.
Мирчески на крајот додаде дека Владата на Република Македонија, како и сите органи и министерства, ќе преземаат соодветни мерки секогаш кога ќе бидат констатирани и докажани злоупотреба на службената должност и злоупотреба на парите на даночните обврзници, во рамките на процедурите и интерните акти на институциите.
Очекуваме дека соодветна постапка ќе преземе Основното јавно обвинителство, согласно нивните надлежности.