Ја читам деновиве наредбата на Штабот на Петтата оперативна зона на Народноослободителните и партизански одреди на Македонија од 1 декември 1943 година за организирање на „животот“ во штотуку формираниот партизански баталјон „Јордан Николов“ и тука, помеѓу останатото, стои: „…Забрането е да се вика и пцуе по борците… Односот на другарите кон другарките да биде сосема ист како кон другарите – рамноправен, а никако понижувачки и потценувачки. Маж и жена не можат да имаат било какви /интимни/ односи во Баталјонот, а другар и другарка кои сакаат да стапат во брак, можат тоа да го сторат само преку штабот на Баталјонот, ама не се дозволуваат било какви односи во Баталјонот… Односот кон населението треба да биде таков да тоа навистина почувствува дека ние сме народна војска. Се забранува тепање, закани со тепање, барање подобра храна и сите останати нешта што претставуваат чин на малтретирање на народот“ За прекршување на овие упатства се предвидувало казни од „јавна критика“ до “стрелање по решение на воен суд“.
Така, наеднаш (слично на Сречко Плуиг кој го „мисли партизанството“), започнувам да ги мислам партизаните и ми текнува на оние паралипомени од моралот, кои денес се чинат како да се парерги, а треба да се есенцијалии. И сфаќам дека сме „успеале“ не само да се избербатиме и испоганиме, туку и сопствената земја да си ја претворивме во голема јавна куќа каде за ситен профит се практикува најперверзна проституција.
Мислејќи ги партизаните сфаќам дека ние не сме стигнати да ја живееме сегашноста, оти ова наше општество, кое не знае каде се наоѓа, мора најнапред да ги изживее истовремено минатото и иднината. Овој народ не знае и дека катадневно со моронска пропаганда го прават морон и допрва треба да сфати дека не му требаат никакви газди, пастири, водачи и деспоти. Но, луѓето не се менуваат сами од себе, „природно“, еволутивно, туку промените може да се случат или ако секој поединец доживее личен слом, или ако претходно се случи она што се нарекува „револуција“. Зборувам за онакви промени какви што направија токму партизаните преку националноослободителната и антифашистичка војна: брзи, коренити и, пред сè и над сè, хумани и правдољубиви.
Мислејќи на партизаните, ми текнува дека е можна борба за создавање на еден свет во кој никој нема да украде јаболко од морални причини, иако гладта ги черечи луѓето на сите страни. Мислејќи на партизаните ми доаѓа мисла дека кога се следи идејата, може неуморно да се пешачи до себеисцрпување. Дури и со замрзнати, целосно вкостени и вкочанети стапала, може да се пешачи до самата цел. Мислејќи на партизаните ми доаѓаат слики на тој нивни занес и на таа нивна, можеби наивна, но искрена љубов за еден поубав, похуман, поправеден свет. Мислејќи на партизаните ми стануваат многу појасни разликите меѓу доброто и злото, меѓу правото и кривото, меѓу моралното и неморалното, меѓу праведното и неправедното…
Мислејќи на партизаните сфаќам дека пред многу години ни кажале за парламентарниот кретенизам и повеќепартиската бесмисла. Ни кажале дека демохристијанските политичари и среброљубивите свештеници работат во свој и интерес на газдите, дека сите заедно се една нечесна дружна со една единствена мисла – ограбување на несилните, понижените, бедните, несреќните… Ни кажаа дека со делење по разни десничарски партии, овие демагози само го залажуваат народот, ги трошат заедничките пари на политички кампањи, кои се само обично саморекламирање, ја крадат смислата на политичкото дејствување и, воопшто, на хуманистичкото постоење. Врочем сите, секојдневно, ја гледаме ненаситната лакомост на нашите владеачи, го гледаме нивниот грандиозен криминал, го гледаме овој очајнички ритам на нашата сиромаштија и ја гледаме бесперпективноста која трае повеќе од една деценија, ги гледаме голите или полуголите луѓе, ги гледаме босите, бескрвните и гладни деца, кои и ако „пораснат“ масовно се селат во странство. Така, мислејќи на партизаните сфаќам дека денес борбените линии се испомешани и недоволно јасно дефинирани. Сфаќам дека „линијата на огнот“ се движи меѓу чесноста и човекољубивоста на малкумината „наследници“ на партизаните, агонијата на нашата сиромаштија, профитите на големите и мали газди и перспективите за сеопшт бунт против неправдата и нееднаквоста.