Не сум имал тајна средба. Не се дел од мојот карактер тајните средби. Доколку сака господинот Ковачевски да разговараме за техничката влада или за некои други политички процеси коишто следат стојам на располагање, само терминот да го усогласиме, вака претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за време на денешната прес-конференција одговори на новинарско прашање за тоа дали веќе имал тајна средба со Димитар Ковачевски во врска со техничката влада.
Тој додаде дека не гледа зошто таквата средба би се одржала далеку од очите на јавноста и дека на народот му е преку глава од таквите тајни средби.
„Знаете дека јас одамна барам таква средба. Најпрвин бев одбиван, па се правеа политички гимнастики на политичката сцена за да конечно на крај се случат тие средби, тие состаноци лидерски, да се дефинираат изборите и слично. Не гледам зашто тоа би било далеку од лицето на јавноста и ценам дека јавноста треба да биде запознаена. Мислам дека на народот му е преку глава од такви тајни средби, преговори и договарања“, потенцираше Мицкоски и додаде:
„Еве стојам на располагање доколку се усогласат термините да имаме една таква средба на којашто би разговарале за иднината на Македонија“
Запрашан за пополнувањето на празното место на ДИК, Мицкоски истакна дека очекува таа точка што побрзо да се стави на дневен ред во Парламентот и да се избере претставник кој е номиниран од албанската опозиција.
„Во неколку наврати пратениците на ВМРО-ДПМНЕ бараат да се стави точката на дневен ред во минатото, но за жал мнозинството одбиваше. Се надевам дека ќе се вразуми и нема да остави дамка на процесот кој што следи, бидејќи е многу значаен овој процес и овие избори. Така што ценам дека во периодов што следи треба час поскоро да биде таа точка дел од дневниот ред, да се избере претставник во ДИК кој што е номиниран од страна на албанската опозиција. Јасно се знае која е таа условно кажана опозиција во Македонија и кои се тие опозициски партии во Парламентот итн. Тие треба да си дадат свој човек и да кажат позади кој човек од тие кои што се кандидати стојат и да го изгласаме, бидејќи има 80 пратеници во Парламентот, да го изгласаме, да се комплетира ДИК, да има 7 члена и да се носат одлуки. Тоа не е волја на Христијан или на некој друг, туку тоа е едноставно законска обврска“, нагласи Мицкоски.