Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ја обвини власта дека е фокусирана на опструкции и кочења на нов квалитетен Закон за јавно обвинителство. Според него носењето на квалитетен закон би значело дека „Зоран Заев и неговата екипа ќе треба да одговараат и да се докажуваат низ една транспарентна и законита постапка за сите обвинувања за криминал и афери“.
Мицкоски изјави дека нема да прави компромис за ваков предлог закон.
“Не постои притисок кој што ќе ме натера на против уставен, нереформски и неевропски закон да подржам ниту како човек ниту пак како лидер на опозиција”.
„Со овој закон практично во тек на постапка се сака да се озакони она кое што незаконски беше направено односно преносот на процесите од СЈО во редовното ЈО. Да бидеме на јасно, закон со кој што ќе се амнестира криминал ниту преговарам, ниту пак прифаќам“, рече Мицкоски кој додаде дека, сепак, тие се подготвени да седнат и да преговараат.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ изнесе неколку забелешки на предлог- законот што го добиле, меѓу кои дека е повредено уставното начело на единственост на јавното обвинителство, има нееднаков третман на јавните обвинители, се крши принципот на хиерархија, изборот на јавен обвинител ќе бил политичка проценка, а дека со решението и се оневозможува на новата Влада да предложи, а новото парламентарно мнозинство да го разреши Републичкиот јавен обвинител.